Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара средба со власта за законот за изградба на клинички центар и дотогаш најавува блокада во законодавниот дом.
-Законот за клинички центар ќе биде блокиран сè до моментот додека тој предлог на закон од 35 листови со коишто бараат да потрошат пола милијарда евра не го поправат и исправат и не седнат со опозицијата да разговараат за тоа. Да ве потсетам, во 2017 година министерот Филипче во оваа сала заедно со сите членови на Комисијата за здравство и сите пратенички групи, презентираше проект дека ќе почне да се гради клинички центар. Тоа беше во 2017 година. Ние сме на средината на 2021 година, ‘К’ нема од клинички центар, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Исто така, оваа партија има забелешки и на Законот за служба во Армијата, а поднеле четири суштински амандмани коишто не се прифатени од владејачко мнозинство.
-Морам да напоменам дека таков ист закон, комплетно ист закон, со 4-те забелешки вметнати од наша страна е во собраниска процедура и, за жал, на денешната седница истата таа власт којашто нè обвинува за блокада, не го става овој закон како точка на дневен ред, а во неа се опфатени сите поволности коишто ги имаат и професионалните војници во однос на добивање одредени средства, некаде околу 1.000 евра по основ на година работен стаж во случај на пензионирање и неможност државата да им најде вработување на истите, рече Мицевски.