Град Скопје најави пешачки и велосипедски патеки на неколку улици во градот. Па така новите патеки би биле на улицата 11 Октомври, од раскрсницата со булеварот Кочо Рацин до раскрсница со улицата Пролет, потоа на улицата Димитрија Чуповски од раскрсницата со булевар Свети Климент Охридски до раскрсницата со улицата Даме Груев. И не е само ова, градоначалникот Петре Шилегов предвидел и реконструкција на улицата Бутелска, од вкрстување со улицата Александар Урдаревски до обиколницата.
Најавите се за поздрав, се разбира. Се надеваме дека Шилегов ќе си остане на зборот. Но, она што не може а да не се забележи е фактот дека ги соопшти на 4 месеци до локалните избори, а тој за Скопје веќе информираше оти пак ќе трча. Зошто ваквите реконструкции не можеше да се направат претходно? Оваа дилема стои, заради тоа што предизборните ветувања наместо реализирани проекти, не го прават различен од неговите предходници.
И не е тоа единствената дилема. Туку важно е дали ако веќе се прават ќе се почне веднаш, додека е лето и нема метеж, или ќе се почне на крајот од оваа сезона кога можеби и децата ќе се вратат во училишните клупи, кога хаосот во градот е три пати поголем отколку во лето?
Од Градот велат дека договорот за реконструирање и правење нови патеки е потпишан, а рокот за завршување е 12 месеци.