На Македонија и се нанесени смислени злосторства и тоа не можам да го простам

Универзитетската професорка Билјана Ванковска во краткото интервју за „Македонско Ехо“ изнесува повеќе видувања околу Македонија; кои се најголемите грешки направени од политичарите; што таа би одзела, а што би додала во државата…

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

Иако мојот однос кон Македонија е прилично сложен (и се усложнува секој ден сè повеќе, во некој чуден амалгам на љубов и фрустрација, радост и тага), сепак првата асоцијација на Македонија е ДОМ, место на припаѓање, за добро или зло. Македонија е земјата во која сум се родила и во која ќе почивам и мислата на неа е колаж на слики, спомени, звуци, мириси и вкусови.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

Ова е тешко прашање, бидејќи дури и од оваа перспектива не сум убедена дека сакам некого да амнестирам со констатација дека згрешил. На Македонија, односно на народот му се нанесени смислени злосторства и тоа не можам да го простам. Не можам ни да си објаснам како можевме, како нација, да им простиме на тие т.н. елити. Од грабежот во вид на криминална приватизација, до втемелување на етничките поделби во Уставот до целосното газење на уставноста и пристојноста, и уште многу други нешта кои сега се рефлектираат во Гордиев јазол, кој не може да се расплете – освен со меч, т.е. радикална (од корен) промена.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно ѝ даваат на државата?

Многу ви благодарам што вака го поставивте прашањето, бидејќи ми е преку глава од „кенедијанската“ (во суштина недемократска) фраза: што граѓаните направиле за државата. Иако не сите граѓани плаќаат даноци (имаме и случај за Гинис, општина во која не бил уплатен ни еден денар за даноци), сепак мнозинството е во еден вид феудален и наемен однос во сопствената држава. Нема контрола над начинот на кој се трошат нашите пари, нè задолжуваат како да се зависници, а околу нас само „потемкинови села“, фасади на институции и јавни услуги. Во држава без социјална правда, нема ни граѓани, туку поданици.

Дали Вие доволно ѝ дадовте на Македонија?

Како професор и научник, дадов максимум – но малкумина знаат за тоа, затоа што многу повеќе ме перципирале како јавна личност, интелектуалка, колумнистка итн. Полето на кое сум била најуспешна и најмногу сум ја афирмирала Македонија е научното, а и професорското (сеење на семето на разумот и критичкиот ум кај младите). Свесна сум дека пошироката јавност ме смета за контроверзна, знам дека предизвикувам различни реакции (од искрена поддршка и симпатии, до нетрпеливост и барање линч), но сепак конечната оценката ја оставам на некои идни генерации.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

Без двоумење, со уметниците и културните дејци! Толку мала земја со толку исклучителни поети, писатели, сликари, музички и филмски уметници кои го освоиле светот и добиле признанија таму, пред да бидат признаени тука, тоа е реткост. А ние тоа толку малку го почитуваме. Всушност, ние и малку знаеме со какви луѓе-бисери располагаме, затоа што страдаме од отапеност, очаеност, завист и немаме самодоверба. Земјата ја прават планините, езерата, полињата – ама најмногу од сè луѓето.

Во каква Македонија сакате да живеете?

Парадоксално, но јас дел од животот го минав убедена дека живеам во најубавата и најправедната земја на светот, дека сум дел од мал, но праведен и вреден народ. Сега, кон крајот на животот, немам доволно време да дочекам сите талози од 30-те години да се измијат. Ми останува надежта дека некои идни генерации ќе растат со дигната глава и кои нема да мислат дека љубовта кон Македонија е национализам, назадна тенденција или неевропско однесување.

Што Ви недостасува, а што би одзеле од државата?

Ми недостасува политичка самосвест, борбеност, подготвеност за саможртва и отпор кај овој наш народ кој е паричка за поткусурување на ликови од дома и од надвор кои не вредат ни пет пари, а кои го експлоатираат, деградираат, посрамотуваат – и распродаваат. Што би одзела? Причинителите на нашите несреќи. Козметика веќе не помага. Иако би можела да кажам дека би го одзела сметот, урбаната џунгла и мафија – знам дека нештата се решаваат од корен, и никако поинаку, особено во ваков речиси летален стадиум.

Претходна вестНаместо пресуда, на Мијалков одново ќе му се суди за апсењето на Љубе Бошкоски
Следна вестНема смртен случај, 10 нови заразени