Владата ќе им додели еднократна финансиска поддршка од 30.750 денари на 745 естрадни уметници, одлучено е на денешната владина седница.
Се работи за финансиска помош за естрадните уметници кои беа погодени од корона-кризата што е мерка од шестиот економски пакет.
Како што соопшти владината Прес-служба, на јавниот повик за финансиска поддршка на естрадни музичари, кој го објави Генералниот секретаријат на Владата, се пријавиле 1.633 лица.
Но, по вкрстувањето на податоците од Министерството за труд и социјална политика, Управата за јавни приходи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и официјалните списоци од Здруженијата на естрадни уметници, утврден е дека критериумите ги исполнуваат 745 лица.
Критериумите кои требаше да се исполнат се: да имаат пополнето годишна даночна пријава, да не се корисници на пензија, просечните месечни приходи да не надминуваат 15.000 денари, да не користат некоја од редовните програми за социјална помош на Министерството за труд и социјална политика и да бидат членови на некое од регистрираните здруженија на естрадни уметници.