Колумна на Никола Тасев:
Скопје денес е чист и зелен град, без загадување, со решен сообраќаен метеж, со архитектонско чудо – тунелот под Кале, атрактивен Луна парк… Во Универзална сала веќе две години се одржуваат концерти, а скопјани и ова лето се разладуваат на езерото Треска… Битола и Штип се важни регионални центри со современи студентски домови и функционални Клинички центри, Прилеп има нова обиколница, а Охрид е пофален од УНЕСКО дека е суперзаштитен стар град. Едноставно, сите македонски градови се развиваат, селата се урбанизираат, младите останаа дома, а граѓаните презадоволни што има „Живот за сите”…
Не, не сум фантазер или пак провладин „експерт“! Само сакам да опишам каква ќе беше Македонија, доколку актуелните градоначалници го исполнија она што го ветија пред четири години. Стотици и стотици проекти, најави, ветувања… листата е предолга. Но, листата на реализација е прекратка.
Е таа, кратката листа не интересира нас граѓаните. Зошто немаше реализација? Време e тоа да се објасни токму сега – пред новите локални избори.
Во сите држави пред избори политичарите ветуваат. И во Македонија е така. Во секоја нормална држава, нормално е избраните функционери да исполнат најголем дел од ветеното, но и да дадат отчет каде ги трошеле парите. Кај нас пак, нормално е само да ветуваат, ветуваат, ветуваат… и нормално е, и без да се исполни најголем дел од ветеното и без да се даде отчет на трошењето, истите функционери да се впуштат во нова кампања.
Кај нас стана нормално премиерот, министрите и директорите со предвремена кампања и со користење на јавните ресурси да ја оправаат лошата слика за своите градоначалници, оти тие имаат кратка листа на реализација. И затоа редат нови листи на ветувања. А нормално ќе беше ако за актуелните градоначалници говореа нивните реализирани проекти, наместо премиерот да ги фали колку се добри и колку му се другари.
Туку да не заобиколувам – градоначалниците да излезат со извештаи за сработеното и да дадат детален опис на потрошеното. Ете, тоа го бараме.
Нека ја погледнат сопствената изборна програма и нека потцртаат што реализирале, а и да објаснат зошто останатото не е реализирано. До нив ли е проблемот или до централната власт? Кога премиерот Заев во 2017 година ги промовираше говореше: „Гласајте за нашите, другари ми се и ќе ја имаат поддршката од Владата“. Изостана ли владината поддршка или пак градоначалниците го преспаа мандатот?
Потребен е и финансиски отчет, специфициран по ставки за што е трошен општинскиот буџет. Парите се потрошени, а реализирани проекти речиси да нема.
Лесно му е на скопскиот градоначалник Шилегов да каже дека не е фараон за да гради капитални објекти, но ветувањата со кои дојде на власт му беа фараонски, а богами и за парите на скопјани, што ги потроши, може да му позавидат фараоните.
Инаку, околу новите избори барем е лесно за постојните градоначалници, кои пак ќе се кандидираат: не мора да смислуваат нови изборни програми, само треба да ги препишат тие од 2017. И така речиси ништо од нив не е реализирано. Програмите не беше лоши – лоши беа реализаторите!