Општина Аеродром се пофали дека почнувасо со реконструкција на детските игралишта на цела нејзина територија. Игралиштата сами по себе не се најскапата инвестиција во било која општина и се нешто што жителите очекуваат да се реши и санира прво кога еден градоначалник ќе дојде на власт, а не на крајот од мандатот или на 3 месеци пред избори. Сепак, скопјани како да се навикнаа нивните градоначалници да се будат пред избори, односно подобро некогаш отколку никогаш. Па така, општината ја пренесува изјавата на нејзиниот прв човек Златко Марин, дека децата заслужуваат најдобро:
-Дечињата заслужуваат најдобри услови за безбедна и безгрижна игра. Општина Аеродром инвестира во подобра иднина за сите!, вели Марин.
И додека градоначалникот се фали со реконструкција на детски игралишта, повеќе од една недела молчи за обвинувањата на опозициските советници во Општината, кои извадија сериозни суми на пари што оваа локална самоуправа ги потрошила на извесни услуги, додека паралелно има вработени лица на функции кои треба да ги завршуваат истите.
Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ преку статус на Фејсбук открива, како што ја наслови: Нова серија на криминалите на Златко Марин, за што ни ги троши парите?
– Организација на прес конференција – 130.000 денари.
– Водење протокол – 50.000 денари.
– Соопштение – 7.000 денари.
– Односи со медиуми – 145.000 денари
– Организација на настан – 254.000 денари.
– Теренско истражување – 580.000 денари.
За 4 години, на ваков начин потроши 5 милијарди денари. А за сите овие работи, општина Аеродром плаќа редовно вработени луѓе. Златко, нели е доста !? – стои во пост на Митески на Фејсбук.