Законот за продажба на земјоделското земјиште ќе овозможи да се распарчи Македонија

Со Јордан Трајков, претседавач на Иницијативниот одбор на „Граѓански фронт“ зборуваме за предлогот на законот за продажба на земјоделското земјиште, за тоа што треба да се направи…

Министерот за земјоделство изјави дека „нема да се повлече предлогот на законот за продажба на земјоделското земјиште“ и дека работната група ги внесува забелешките искажани на ЕНЕР каде е поставен предлогот. Како го доживувате ова?

– Очигледно е дека оваа влада има многу мал демократски капацитет бидејќи избегнува поширока и подлабока дебата за оваа тема со заинтересираните страни. Од друга страна законот јасно укажува дека тие туркаат нечија ужасна агенда да ја нема Македонија. Јас лично сум ужаснат од оваа нивна иницијатива и апелирам до сите граѓани да увидат дека тука не се работи само за земјоделците. Ова се однесува на иднината на сите нас и затоа треба сите да се дигнеме против ова.

Мислите ли дека со одредени корекции може да се дојде до прифатлива верзија на еден ваков закон?

– Не. Нам ни е кристално јасно дека овој предлог треба да се повлече. Ова не е опција која носи иднина за македонските граѓани и за Македонија. По истата не треба ни да се размислува.

Што е, според Вас, најмногу спорно во вака предложениот закон?

– Засекогаш се уништува можноста да се искористи земјоделското земјиште како ресурс за брзо претварање на бројната сиромашна класа во бројна средна класа, а тоа ни е единствената таква преостаната шанса т.е. се уништува можноста за брз економски развој.

Земјата ќе заврши во рацете на малкумина т.н. грабливци – транзициони олигарси и странци со сомнителни извори на средства и сомнителни намери. Доколку допуштиме такво нешто веднаш потоа тие истите на таа земја највероватно ќе си одгледуваат култури кои не се стратешки значајни за нас. Најубавото и најголемиот дел од нашето земјоделско земјиште е во рацете на државата. Ако се допушти истото да го грабнат малкумина од сиромаштија нема да можеме да избегаме како земја. При приватизацијата на фирмите ни се случи грабеж па поголем дел од граѓаните останаа без ништо, а мал број грабливци земаа многу. И сега се спрема таков грабеж, но овој ќе биде пострашен бидејќи земјата е стратешки важен ресурс без кој немаме можност да произведеме храна. Тоа значи да отуѓиш еден стратешки, животно значаен ресурс од граѓаните на Македонија. Не смее да се случи тоа.

 И најстрашно е дека овој закон овозможува да се распарчи Македонија преку тоа што овозможува странци да ја купат земјата. Имаме индиции дека тие странци ќе бидат од нашите пријателски настроени соседи кои ќе употребат пари со сомнително потекло односно од тајни фондови на организации кои не сакаат да ја има Македонија.

Што треба да се прави со ваквото земјиште? Како тоа најдобро да се искористи за доброто на граѓаните и на државата?

 Овој наш стратешки ресурс дава можност да излеземе од маѓепсаниот круг на сиромаштијата. Земјоделското земјиште треба да се подели на македонските граѓани, да се организира зелениот пазар за да излезат вистински цени кои ќе створат стимул за работење на таа земја, да се вложи во хидро-мелиоративни системи и во трансфер на знаење од поразвиени земји и со тоа да излеземе сите од сиромаштија. По наши пресметки на човек би паднале 8-10 декари земја. Збориме за бесплатна поделба. Во однос на техниката на поделба на земјата таму има неколку варијанти. Со поделбата ствараме додатни ресурси во имотот на секое семејство од кои тие ќе имаат додатни приходи. Сите заедно на таков начин се креваме во средна класа. Кога ќе имаме развиено земјоделие и бројна средна класа Македонија ќе биде среќна земја.

Претходна вестЗошто Марин не одговара на опозициските обвинувања за потрошени 5 милијарди денари?
Следна вест„Поточиња“ на отворено по долга пауза, денеска на Школка во парк