Ана Петровска: Се кандидирам за градоначалник бидејќи Скопје се развива на неодржлив начин

Доскорешна директорка на Државниот инспекторат за животна средина и разрешена потпретседателка на партијатq ДОМ, Ана Петровска, најави дека влегува во трка за градоначалник на Скопје преку граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.  За мотивите и за нејзината визија за развојот на Град Скопје таа зборува за „Скопско ехо“.

Како ќе следи кандидирањето од аспект на постапката? Како дојдовте до соработка со „Зелен хумен град“?

-Активистите од Иницијативата Зелен хуман град на различни начини волонтерски и посветено работат за здрава животна средина. Ние и порано сме соработувале и споделуваме исти вредности. Краткотрајно се колебав да се придружам на оваа Иницијатива имајќи го предвид моето неодамнешно разрешување од државна функција, но сепак го направив овој чекор и судејќи според денешните реакции сметам дека го направив вистинскиот избор.

Од денес започнавме со собирање потписи; граѓаните што сакаат да ни дадат поддршка може да се потпишат во подрачните единици на ДИК во својата матична општина на советничката листа на Зелен хуман град и на листата за поддршка на мојата кандидатура за Градоначалник на Градот Скопје. На Фејсбук страната на Зелен хуман град може да се добијат информации за времето, местото и начинот на потпишување.

Кои се мотивите поради кои се кандидирате за скопски градоначалник? Во каква состојба е денеска Градот Скопје?

-Скопје се развива на неодржлив начин: се градат објекти на секој слободен простор, се уништува зеленилото, трајно се спречува природното струење на воздухот и кпроветрувањето, климата се менува, се создаваат топлински острови. Се создаваат диви депонии, се горат кабли на Вардариште, се гради масовно на Водно и се намалува безбедноста заради ерозија и можни свлечишта, се загадуваат Треска и Вардар. Животната средина е темел на економскиот развој и затоа е неопходно да создадеме хумани услови и да спречиме приватниот капитал и натаму да го загрозува јавниот интерес.

Што ќе им понудите на граѓаните, какви се проекти може да се очекуваат од Вас?

-Неопходно е да го подобриме управувањето со отпадот, да го трансформираме урбанистичкото планирање и да го заштитиме зеленилото, но и да оформиме нови зелени и рекреативни простори, како и да го намалиме загадувањето на воздухот. Ова се приоритетите, но ќе дадеме поттик и на проекти што ќе дадат можност за оджлив локален економски развој. Во рамките на Зелен хуман град се развиени и други одлични проекти, но за нив ќе зборуваме кога ќе започне кампањата.

Вашиот наследник на функцијата директор на ДИЖС Сретен Стојковски обвини дека Инспекторатот имал слабости во менаџирањето, несоодветно трошел над три милиони денари буџетски средства, дека бил вклучен во издавањето А-интегрирана дозвола за одложување опасен отпад на ЈП „Дрисла“… Како го доживувате ова?

-Маја Морачанин не се задоволи со мојата егзекуција и продолжува со обиди за дискредитација. Сретен Стојковски добил партиска задача да исчепка било каков документ што може да се спинува и злоупотребува. Трошоците на кои тој реферира се за лица вработени по договор за дело како административна поддршка, а за кои е добиена финансиска согласност од Министерство за финансии. Исто така, склучен е договор со надворешен соработник – правник заради водење постапки – обжалени решенија од второстепена комисија, пишување кривични пријави, помош за управување со човечки ресурси и слично. Дали овие лица пишувале извештаи и дали е евидентирано работното време е смешна причина за претставки до антикорупциска комисија и финансиска полиција. Според закон во институции до 20 вработени во еден работен простор (како што е инспекторатот) не е оддржливо да се инсталира електронско евидентирање присуство. А инспекторите најчесто одат директно на терен за што сведочат нивните записници од извршени инспекциски надзори. Учеството на инспекторатот во издавањето А интегрирана дозвола на Дрисла е по службена должност, дури откако ќе се завршат преговорите помеѓу инсталацијата и надлежната служба во Министеството за животна средина и просторно планирање. Не гледам зошто се проблематизира присуството на инспекторатот на завршниот состанок пред да се издаде дозволата, бидејќи оттогш тој е надлежен да контролира дали се применуваат одредбите од таа дозвола. Новиот директор треба да се фокусира на контроли и да не ја замајува јавноста со клеветење и тоа уште на првата прес конференција.

 

Претходна вестВладимир Јанковски е лауреатот на „Роман на годината“ што го доделува Фондацијата „Славко Јаневски“
Следна вестИ денеска околу илјада новозаразени за 24 часа, 10 отсто од нив се вакцинирани