И денеска околу илјада новозаразени за 24 часа, 10 отсто од нив се вакцинирани

Околу 1.000 новозаразени од корона вирус има и денескa, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес-конференција, на која говореше и за состојбата со болниците.

Се отвораат нови ковид-одделенија во болниците, бидејќи се зголемува и бројот на хоспитализирани. Притисокот во тетовската болница се намалил во текот на вчерашниот ден, но се очекува да се види каква ќе е ситуацијата денеска.

-Во текот на вчерашниот ден беше целосно во функција ставено инфективното одделение во болницата „8 Септември“. Има уште слободни кревети, но обезбедуваме простор во делот на интензивната нега. Од вчера, од попладневните часови, целосно во функција се стави и модуларната болница до Инфективната клиника. Има кадар од другите клиники, медицински сестри и помошен персонал. Таа болница има 60-70 кревети, десетина се веќе зафатени. Имаме и други капацитети кои се спремни, рече тој.

Според него, околу десетина проценти од новозаразените се вакцинирани, а исто толкав број мешу хоспитализираните се вакцинирани.

-Од вкупната бројка на вакцинирани граѓани, многу малку се дијагностицирани. Бројката се мери во промили, 0,002. Тоа значи дека главниот проблем е во граѓаните кои не се вакцинирани, додаде Филипче.

Сите кои прележале, според Филипче, треба да се вакцинираат месец дена по инфекцијата.

Вчера во земјава беа регистрирани 999 новозаразени со корона вирус и 14 смртни случаи.

Претходна вестАна Петровска: Се кандидирам за градоначалник бидејќи Скопје се развива на неодржлив начин
Следна вестВчерашното невреме откорна десетина дрвја, „настрадаа“ два автомобила во Центар