Треба да поминат 70 години за пак да го имаме шумскиот пејсаж што изгоре

 Со Николчо Велковски, универзитетски професор од скопскиот Факултет за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Елм“ зборуваме за шумските пожари, за тоа како работите да се поправат…

Се соочуваме се голем број на шумски пожари кои опожарија илјадници хектари шуми. Се покажува ли повторно дека државата не води добра грижа за шумите?

-Ова што се случува со шумските пожари не е изненадувачки. Пожари имало и ќе ги има, но сега изненадува големиот обем на изгорените површини. Во минатото сме имале пожари помали од 100 хектари и сметавме дека тоа е катастрофа. Сега горат илјадници хектари. Тоа покажува дека или не сме подготвени или дека ситуацијата ни бега од контрола. Не е првпат да гори Малешевијата. Најголеми пожари имаше во 1994 и во 2001 година, кога изгореа 200 хектари. Но, ова што се случи сега е катастрофа. Најмногу горела борова шума и помали делови со даб и смрекаОгнот почнал од Нов Истевник, и со оглед на тоа што станува збор за многу млади и густи шуми, кои беа во една природна фаза на обновување и на склопување, имаше шума од сите катови, од најмлада до најстара. Таа одамна не е проретчувана, има многу напуштени ниви, обраснати со смрека и сето тоа му одговараше на брзото проширување на пожарот. Изгорена е огромна површина на просторот меѓу Пехчево и Делчево, настрадаа дрвја стари и по 90-100 години, како и тие израснати пред 10-20 години. По ова, јасно е дека грижата не е доволна и дека во иднина односот кон шумите ќе треба да се менува за да не се случуваат вакви катастрофи.

Како треба да тече обновата на опожарените краишта?

-Она што прво ќе следи е расипувањето на дрвната маса. Таа е изгорена и ќе почне да гние и ќе биде погодна за развој на штетни инсекти кои ќе ги напаѓаат преостанатите здрави дрвја. Значи, изгореното подрачје мора прво санитарно да се исчисти. Од есен веќе би можело да стартува пошумувањето и кое на пролет мора уште повеќе да се интензивира. Тоа мора да се прави плански во време кога вегетацијата мирува и кога температурите се под 10 степени целзиусови. Прво да се почне со пошумувањето на ерозивните подрачја. Но, сега веќе мора да се води сметка и кои видови дрвја да се садат. Во овие шуми доминираше борот кој е зимзелено растение и кое мошне лесно гори, огнот брзо се пренесува и тешко се гаси. Тоа треба да се смени. Сега, извесно, за обновата на овие шумски подрачја ќе бидат потребни децении. Мислам дека ќе треба да поминат околу 70 години за да нови генерации на граѓани уживата во истиот шумски пејсаж каков што нам ни изгоре. Младите шуми мора да се негуваат. И законот и науката тука го кажале своето, само што тоа не се почитува. Мора да се вложат средства за негување на шумите ако сакаме да имаме здрави и отпорни шуми за да не ни горат така, за два-три дена.

Каква заштита во иднина да се прави?

Во светот се форсира практика за садење мешана шума, зимзелените се мешаат со листопадна вегетација во различен сооднос, со цел да се спречи брза дистрибуција на пожарите. Даб не развива толку висока температура и полесно се гаси. Тоа треба да бидат големи парцели на различни дрвја. Освен ова, шумските парцели треба да бидат одвоени со процепи за да има појас за интервенција на пожарникарите и пожарот да не се шири преку празниот простор.

Во услови на брзи климатски промени, поради кои пожарите ќе станат секојдневие, ваквата стратегија е повеќе од неопходна за да се заштитат и шумите и луѓето. Мора да се примени еден комбиниран систем на заштита – од набљудување, контрола, интервенција, па се до санкционирање на пироманите. Државата мора да води сметка за опременоста на противпожарните служби. Сега се виде колкава е разликата во опременоста на нашите и пожарникарските служби на земјите кои дојдоа да ни помогнат. Тие со километри можеа да влечат црева за гасење на огнот, издаваа команди врз основа на сателитски снимки на огнот. За таква опрема потребни се пари и државата ќе мора повеќе да инвестира во таква опрема ако сакаме да ги сочуваме шумите.

Колку од пожарите се должат на човечкиот фактор и како да се санкционира предизвикувањето на пожарите?

-Се е до човечкиот фактор. Само е прашањето дали некој пожарот намерно го предизвикал или тоа се случило несакајќи. Ако некој прави голема штета не може да помине со блага санкција. Кога е изгорена 50-годишна шума тоа значи дека се оштетени 50 генерации на население. Но, кај нас е проблемот што на крајот се изрекнуваат поблаги казни за вакви сторители.

Претходна вестСтражар во рудник во Прилеп пронајден мртов под неговиот автомобил
Следна вестОд коронавирус починаа 24 лица, потврдени 978 нови случаи