До овoj миг не е направен ниту еден договор кој е во корист на Македонија

Актерот Ѓорѓи Јолевски смета дека компромисите кои во изминативе години ги правеле македонските политичари не донеле работи во полза на Македонија…

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

Најпрво помислувам на моето детство поминато во Битола, игрите со другарите на мозаиците во Хераклеа, мирисите и боите на растенијата на Илинска планина, силината на водата во валавиците во Вирово, поезијата на Петре М. Андреевски, Коневски, Павловски, Јаневски, енергијата и значењата на сликите на Владо Георгиевски, Мартиновски, Мазев, драмските дела на Крле, Панов, Стефановски, божествениот глас на Вања Лазарова во „Македонскиот дел од пеколот“. Македонија, земја на различности, природни убавини, раскрснца на светот, спој на различни култури и цивилизации. „Копчата на светот “ ја гледам низ призмата на моето срце. Македонија е состојба на умот и духот. Сите мои чувствувања и дејствувања се врзани со Македонија, македонскиот јазик, култура и уметност.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

– 8 септември 1991 г. е денот кога со голема радост ја славевме независноста и формирањето на првата влада на Р. Македонија. Конечно самостојни, полни со елан и волја дека во времето што следи ќе дејствуваме со сите сили во подобрување и напредок на нашата Татковина. Веќе од ’92, со менување на името за меѓународна употреба, почнаа компромисите на политичките играчи и до овој миг не е направен ниту еден договор кој е во корист на Македонија и народот што живее во оваа прекрасна но кутра и напатена земја. На секои десет години, а и почесто, добиваме договори од кои прво сме шокирани, а потоа се обидуваме да живееме во контекстот што ни е сервиран, секојдневно обидувајќи се да го задржиме достоинството и правото за живот во цивилизираниот свет.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

– Доволно е да погледнете како живее народот, со каков стандард живееме, дали можеме да се компарираме со другите западно-европски земји, доколку тие ни се цел за достигнување. Погледнете во која состојба се нашите села, градови, какви се нашите патишта, училишта, театри, колку се  вложува и дејствува во зачување на животната околина, зачувувањето на културното наследство. Веќе со децении насловите на главните вести се корупција, мито, криминал, кражби, присвојување, урбана мафија. Тие се средствата што ги одвојуваме и тие се средствата со кои требаше да живееме во поинакви услови и околности.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

– Се обидувам колку што можам повеќе да бидам високо професионален во реализирањето на темите кои ги одбирам во мојата професија. Имам среќа што работам во поле кое дејствува на оплеменување на духот на гледачите. Темите што ги одбирам се силна критика на системот во кој што живееме. Најчесто моите претстави излегуваат надвор од Македонија, на интернационални фестивали или гостувања во други земји и култури каде што преку уметничката изведба се промовира и македонската култура, јазик и уметност.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

– Горд сум со нашето минато, историја. Горд сум на нашите предци кои ги дале своите животи за Македонија и нивната заложба за слободна Македонија . Со индивидуалните постигнувања на поединци во различни сфери на општеството. Горд сум кога ќе го видам знамето на Олимпијада, кога ќе видам претставник на Македонија на светски настан, кога ќе добиеме награда на меѓународни натпреварувања. Горд сум кога ги гледам Охридско и Преспанско езеро од Галичица, кога стојам пред иконостасот во Св. Спас, пред Македониумот во Крушево…

Во каква Македонија сакате да живеете?

– Сакам да живеам во земја каде што слободата во сите сфери ќе биде загарантирана. Чиста и култивирана. Со чист воздух и хармонија меѓу луѓето и природата. Земја каде што има голема фрекфенција на луѓе и настани од различни култури. Ја сакам оваа земја. За мене најубава.

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

– Недостасува континуитет и одржување. Многу лесно се откажуваме од продолжување на веќе созададените институции и никако немаме волја да го одржуваме она што е веќе создадено. Недостасува инфраструктура за слободно движење на велосипедисти, пешаци, патишта, заштита на животните, зеленило во градовите, заштита на природата, економска слобода на граѓаните, ред и хармонија…Што се однесува до одземањето на прво место се  бенифициите на властодршците. Така можеби ќе можеме да се надеваме на политичка номенклатура која со љубов ќе дејствува за подобра Македонија.

Претходна вестВо Скопје вчера казнети 184 несовесни возачи, најмногу за пребрзо возење
Следна вест(ФОТО) Што му фали на Скопје? Да почнеме со поголеми канти за ѓубре