Силекс е нов освојувач на Купот на Македонија, откако во финалето на Националната арена во Скопје ја совлада Шкендија со 1:0. Кратовци со овој триумф по четврти пат го освојуваат куп-трофејот, а воедно обезбедија и настап на европска сцена следната сезона.
Херој на Силекс беше Алиќ, кој во 71. минута го постигна единствениот погодок на натпреварот по брза контра-акција. Додев проби по левата страна и испрати употреблива топка, а Алиќ сигурно ја смести во мрежата за голема радост на кратовци.
Силекс подобро го отвори натпреварот и уште од стартот наметна агресивен ритам со висок пресинг. Првата закана ја создаде токму Алиќ, но голманот Гаје беше сигурен.
По воведниот притисок на кратовци, Шкендија постепено ја презеде иницијативата и почна да создава шанси. Во 26. минута Ндзенгуе се закани опасно, но Џеков одлично интервенираше. Тетовци бараа и пенал по старт врз Ндзенгуе, но акцијата претходно беше прекината поради офсајд.
Во финишот на првиот дел, Красниќи имаше одлична можност да донесе водство за Шкендија, но не успеа добро да реагира од непосредна близина.
Во второто полувреме Шкендија беше поофанзивна и создаде уште неколку опасни ситуации. Најдобрата шанса ја имаше Красниќи во 64. минута, но Џеков со фантастична интервенција повторно го спаси Силекс.
Кога се чинеше дека Шкендија е поблиску до погодок, следуваше брза контра на Силекс и моментот на одлука. По голот на Алиќ, на теренот се создаде нервоза и дојде до кошкање меѓу фудбалерите на двете екипи, што дополнително ја покажа важноста на овој натпревар.
За Шкендија ова е уште едно разочарување во куп-финалињата, откако тетовци го запишаа четвртиот пораз во своето шесто финале и сезоната ја завршија без освоен трофеј.