Недостасуваат вистински политичари кои ќе имаат достоинство и самопочит

Ќе служиме за пример на сите други како народ кој имал своја држава, а самиот поради меѓусебни поделби се довел во ситуација истата да ја изгуби, нагласува универзитетскиот професот Тодор Чепреганов

Историчарот Чепреганов во интервјуто наведува многу причини зошто е загрижен за иднината на својата татковина Македонија на која како што вели целосно и го подарил својот животен и професионален ангажман.

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

-Првата помисла ми асоцира на земја сокровишник-трезор на милениумска историја, култура, археологија, религии, етноси, уникална музика, планински и езерски убавини. Татковина која ме исполнува целосно со сето она што може да го пружи на секој добронамерник кој и мисли добро и доаѓа да ја посети со добра мисла.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

Една од најголемите грешки, а која се провлекува до денес е неединството на македонскиот политички фактор што не доведе во ситуација да ја изгубиме унитарноста на државата, а со тоа, сведоци сме, го губиме и идентитетот, историјата, јазикот и културата. Стануваме аморфна маса, и им даваме за право на оние кои не дефинирале така како народ уште пред сто години. Наместо негација на тоа ние преку поданичкото однесување на политичките гарнитури само го утврдуваме. Посебно е симптоматичен фактот што за сите овие години не покажавме чувство за држава и нација, а политичарите чувство за државност и нација. Поради тоа постепено, но сигурно, одиме кон историски заборав т.е. ќе служиме за пример на сите други како, народ кој имал своја држава, а самиот поради меѓусебни поделби се довел во ситуација истата да ја изгуби.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

Скоро 42 години моја основна преокупација се истражувања за историјата на Македонија и македонскиот народ, неговиот идентитет, јазик и култура во архивите на В. Британија и САД. Сум бил раководител на 10 домашни и меѓународни проекти и соработник на 7; сум учествувал на 140 домашни и странски научни собири; 7 сценарија за документарни филмови; 55 монографии и зборници на документи; 100 статии во домашни и странски списанија, учебници за основно и средно образование Добитник на три значајни награди. Дали е доволно она што сум го дал за Македонија на полето на историската наука оставам да кажат читателите.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

– Референдумот од 1991 година за независна и самостојна Република Македонија е на врвот, а понатаму би следувале сите успеси што се постигнуваат. Веќе имаме три трансплатации на срце, неколку на бубрези и др, успесите на спортистите… виртуозите на своите инструменти Симон Трпчевски и Влатко Стефановски, играорците на ансамблот „Танец“, многубројните археолошки локалитети, сакрални објекти

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

– Она што ми недостасува во Македонија е демократијата, а не партократијата која за жал е присутна во овие 30-ет години. Посебно недостасуваат вистинските постапки и чекори на политичките гарнитури за зачувување на македонскиот идентитет, јазик и култура кои, сме на добар пат да ги изгубиме. Недостасува и департизација на институциите на системот пред се на судството. Недостасуваат вистински политичари кои ќе ги штитат интересите на нацијата и државата, кои ќе имаат достоинство и самопочит и ќе реагираат на секоја негација на идентитетот, јазикот и културата на македонскиот народ и со тоа ќе ја имаат довербата од граѓаните.

Би ги поништил договорите според кои е „бетониран идентитетот“, Преспанскиот договор и договорот со Бугарија. Тоа се два договора врз основа на кои се бетонира северномакедонскиот идентитет и северномакедонскиот јазик и се откажуваме од македонското малцинство и во Грција и во Бугарија. Уште повеќе што Бугарија бара и да се откажеме од својата етногенеза и да ја прифатиме бугарската до 1944 година. Ни малку достоинство и самопочит од страна на македонскиот политички врв.

Во каква Македонија сакате да живеете?

– Македонија ослободена од партократија, независни институции на системот кои ќе бидат во служба на граѓаните а не послушни орудија во рацете на политиката и политичари.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

– Колку ние сме спремни да бидеме совесни граѓани со плаќање на даноци толку и државата (институциите на системот) треба да бидат совесни тие средства да ги вложуваат во подобрување на инфраструктурата и целокупниот општествен живот на граѓаните. За жал, властите не и даваат доволно на државата и затоа сме во ваква состојба каква што сме. Граѓаните се чувствуваат несигурни и не им веруваат на институциите на системот, а најмногу поради фактот што самите власти не го почитуваат Уставот, го кршат во секоја ситуација кога треба да остварат некоја своја цел.

Претходна вестЈакото сонце и нежните градоначалници
Следна вестРегистрирани 15 нови случаи на Ковид-19