Конфузни програми и реформи во образованието ќе рефлектираат конфузни знаења

Со универзитетскиот професор д-р Благоја Маркоски, од Институт за географија при УКИМ, зборуваме за најавените промени во образованието…

Министерката Мила Царовска најавуваат старт на реформите во образованието од септември. На сето ова имаше големи забелешки во јавноста, дали сметате дека на крајот се доби добра основа за реформите во образованието?

– Најдобрата основа по однос на реформите во образованието беше фактот што сите релевантни високо образовни институции и експерти, меѓу кои и МАНУ се изјаснија дека реформи од типот, како што беа понудени – не се потребни. Дотолку повеќе, што од последните реформи кои беа извршени во 2015 г. не е поминат целиот циклус на завршување на една генерација ученици. Реформите во образованието во изминативе 10-ина месеци се направени без соодветна  основа. Единствена основа на која се повикуваат е еден индивидуален труд од авторите Victoria A.S. Centurino & Lee R. Jones, CHAPTER 2, TIMSS 2019 Science Framework и неколку учебникарски лекции пласирани на 30-40 страници (наместо експертиза) од неколкуте пулени педагози. Само тоа, наспроти целокупната Македонска стручна и експертска јавност. Материјалите кои сега ги подготвуваат (наврат, нанос) ги оценувам, како методолошки несредени, а педагошко дидактички несоодветни за возраста на учениците.

Но најголем дел од забелешките во стручната јавност не беа прифатени од МОН и министерката Царовска. Што мораше да биде прифатено за да реформата биде успешна?

– Не прифаќањето на ниедна критичка забелешка од страна на министерството кое го посочувате го доживувам, како отворено игнорирање на мислењата на институциите, експертите и реакциите на пошироката јавност во државата Македонија. Значи ли тоа дека не ни требаат институциите и експертите во државата па ќе се потпираме на само една наводна експертиза (погоре цитирана) дека доаѓала од странство. За да реформата биде успешна мораше да биде прифатен фактот дека во 2015-та година се направени последните реформи и врз основа на тоа наместо реформи со упад во образовните програми мораше да се преземат реформи од типот:

-реформи во платите на просветните работници од основното до високото образование,

-реформи во матурскиот испит,

-реформи во уписната политика во високото образование,

-да се воведат перманентни и квалитетни обуки на наставниот кадар,

-да се опремиме со релевантна литература, а не со декрет да се забрануваат помошни

учебни помагала,

-да се постави инспекциски надзор, како се спроведува наставниот процес,

-да се направи постапка за избор на директори во училиштата од најавторитетните

професори и наставници, а не да се назначува најнеспособниот партиски полтрон,

-да се уреди училишната инфраструктура,

-да се комплетира потребниот и соодветен кадар во сите училишта и

-ред други работи кои може и мора да се направат во основното образование.

 Што учениците и општеството во целина може да загуби со вакви реформи?

– Конфузни програми логично е да рефлектираат конфузни знаења. Зошто? Затоа што низ програмите содржините се измешани, така што во методолошка смисла не е запазен причинско последичниот принцип. Авторите се по порачка (без разлика колку се компетентни и искусни во учебникарската дејност), така што постојано бараат и чекаат некој друг колку толку да му ги исправа работите. Загубите во знаењата кај учениците ќе рефлектираат неизмерно големи проблеми во општеството.

Посебно беше спорно „интегрирањето“ на предметите, на наставните содржини, конкретно на предметите Историја, Географија… со други предмети…

– Секоја наука има свој предмет и методи на проучување. Во случајот предмет на географијата е географскиот простор, а предмет на историјата се случувањата низ времето. Тоа значи станува збор за сосема различни дисциплини. Тие (како и со другите науки) меѓусебно се надополнуваат, но само во контекстот на некоја конкретна содржина, а во суштина расправаат сосема различни проблеми.

Контекстот на интегрирање на предметите географија и историја го гледам исклучиво, како политичко прашање, каде со спојувањето на двата предмети демек со еден замав ќе ги средат барањата кои произлегуваат од никаквите договори потпишани со Грција и Бугарија. При тоа, забораваат дека предметите географија, историја и македонскиот  јазикот се национални дисциплини и како такви мора да имаат постојано и поединечно место во образовните програми во државата Македонија (како што впрочем е во секоја држава во светот).

Преку поединечното именување на предметите (географија, историја, биологија и тн.) учениците постепено се запознаваат дека за разни проблеми во природата и општеството постојат посебни науки, така што постепено имаат можност да градат сопствени погледи за нивната професионална ориентација соодветно на нивниот интерес.

Претходна вестОд 21 до 25 јули Beach Film Festival во Охрид
Следна вестПриведен разбојник во Скопје