Собранието може да усвои резолуција за спорот со Бугарија – СДСМ најави дека го прифаќа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот и портпарол на СДСМ Коста Костадинов денеска изјави дека тие ќе ја прифатат резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

– Доколку Христијан Мицковски и ВМРО ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во Парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата таква каква што е каква што всушност и видовме од медиумите. Официјален предлог до нас како пратеници нема, изјави Костадинов на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Во Собранието денеска пратеници од опозициската партија одржуваат средби со пратеничките групи за поддршка на нивната резолуција.

Најавена е средба на пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов, со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски и Тимчо Муцунски. Во денешната агенда на опозицијата е и средба со пратеници од ЛДП и ДОМ, Моника Зајкова, Боби Мојсоски и Маја Морачанин.

Предлог-резолуцијата за црвените линии во однос на спорот со Бугарија, Мицкоски ја објави во петокот на прес-конференција. Како што кажа и самиот, не станува збор за ексклузивен текст на партијата, туку за предлог кој се базира на дефинициите и јавно декларираните ставови на МАНУ, најстариот универзитет УКИМ и на МПЦ-ОА.

Точките од предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги објави Мицкоски, се следни:

– Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ;

– да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, повторувам континуитет;

– да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според кои: македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет; македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор;

– споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам;

– процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите;

– да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни конвенции и декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи.

– да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност.

Претходна вестАко патувате: На Табановце се чека 20 минути за влез во земјава, денеска кус прекин на сообраќајот Кичево-Охрид
Следна вестДо петок пекол, за викенд потоп