Нема простор за паника за случајот со болните деца во Гевгелија, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Ниту едно од децата немаат антитела за корона вирус и станува збор за вирусна инфекција.
Од вчера има зголемен број на деца пациенти и во болницата во Козле.
-Очигледно е дека сега имуниот систем на некој начин проработува поради тоа што подолго време биле изолирани дома. Нема простор за паника, нема никаква директна врска со ковид, рече Филипче и додаде дека станува збор за обична вирусна инфекција.
Изминатиов месец во болницата во Гевгелија биле примени 50 деца и бебиња со симптоми за респираторни инфекции, неспецифични за овој период од годината.
Инфекцијата на дишните патишта што се појави кај децата во Гевгелија е резултат на заспаниот имунолошки систем, кој со раздвижувањето сега ja покажува истата патологија што ја гледавме во февруари и март годинава, вели директорката на Клиниката за детски болести д-р Аспазија Софијанова.