Колумна на Дарко Ангеловски:
Кога во септември годинава ќе го започнеме нашиот повторен настап на Европското првенство во одбојка тоа ќе биде момент на едно ново соочување. Прво, соочување со тоа до кој дострел може да стаса ова генерација на македонски одбојкари која до сега дала многу со кое ја израдувала македонската јавност. Така е тоа кога ќе се погоди спој на таленти, на спортисти кои даваат се од себе, на добри тренери, навивачи… Но, не треба да бегаме и од второ соочување. Од прашањето: што по ова ЕП?
Без оглед на она што ќе се постигне време е да почнеме да мислиме на наши наследници во оваа игра за која се определуваат се повеќе млади, и момчиња и девојчиња. Мора да мислиме на подмладување со оглед на тоа дека тоа го бара нашата играчка структура. Кај нас во државата има доволно деца кои се перспективни и кои се веќе заљубени во одбојката, но и кои брзо знаат да кажат „не“ на овој атрактивен спорт. Значи, прашањето е што да правиме со иднината на одбојката во земјава?
Некои промени мора да се случат бидејќи полека доаѓа време кога оваа репрезентативна генерација ќе треба да се менува. Јасно, потребни се да се прават бази на спортисти со кои ќе се работи, и во маша и во женска конкуренција. За тоа е потребен стручен кадар, оној што ќе знае да ги избере најдобрите, кој ќе знае со нив да работи но која работа нема да завршува со 2-3 бази годишно. Ваквите „бази“ се потребни почесто, но и слична работа во клубовите кои треба да го задржат тоа ниво на работа со ист таков кадар. Тука, ние повозрасните и поискусните, треба да дадеме својот придонес, да бидеме со младината, да им пренесеме искуства, да се измешаат генерациите. Едноставно, младите да бидат дел од тренинзите оти тренинг со повозрасни е голем плус. Ја имаме младата генерација на одбојкари до 21 година која беше трета на Балканско првенство и на која и треба малце „гас“ и од која не сите се дел од сениорската репрезентација. Но, и тие останати треба да ги искусат тренинзите за да го почувствуваат повисокиот „левел“ на одбојката. Само на таков начин утре ќе можат да ја преземат одговорноста.
За жал, државата многу малку помага за едукација на стручен кадар. До сега, неколку стручњаци дојдоа во нашата држава за да се одржат семинари тука и толку. А навистина такво учење е многу значајно и такви знаења треба да им се пренесуваат на младите. Но, прашање е колку се имаат средства за таква намена… Ако нема за тоа, може ли барем да има за некоја стипендија со која би се мотивирале младите, да им се обезбеди макар опрема, патики… за да се мотивираат и љубовта кон одбојката, но и кон другите спортови, да не им згаснува брзо…