Директорот Фремзим Даути се разрешува од должноста директор на Националната установа, Национална и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје поради работа што не е во согласност со законот и статутот и во други случаи предвидени со закон, врз основа на член 33, став 2 од Законот за културата, информира Министерството за култура.
-По повеќемесечни инспекциски надзори спроведени од страна на Министерството за култура во 2021 година, утврдени се низа сериозни неправилности во работата на директорот од аспект на Законот за културата и Законот за библиотеките, се вели во писмениот допис од ова Министерство.
Во соопштението се додава дека врз основа на утврдената фактичка состојба констатирана при инспекциските надзори, министерката за култура, Ирена Стефоска, оцени дека се исполнети законските услови за разрешување од должноста директор на Националната установа, Национална и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје пред истекот на мандатот.
До избор на нов директор, заради непречено функционирање на оваа установа, назначен е в.д. директор од редот на вработените.