Десет дена трае борбата на македонските заедно со странски пожарникари, војска и хеликоптери во обид да се стават под контрола пожарите низ цела Македонија. После екипите за помош од Австрија, Словенија, Бугарија и Романија, денеска се најавени и екипи од Црна Гора но и Франција.
Вчера беше ставен под контрола пожарот кај Будинарци, и со тоа според надлежните локализирани се сите во реонот Берово, Пехчево, Делчево. Жителите од овие краишта кои деноноќно, десет дена, се бореа да си ги спасат живеалиштата и куќите, јавно се изјаснија дека да не беа странските екипи, нивните села и домови ќе беа до темел пеплосани. Инаку вчера во кампот кај Пехчево, беше повреден австриски пожарникар, па префрлен на скопската клиника каде му е укажана помош.
Во моментот активни се пожарите во кумановскиот, скопскиот, прилепскиот регион, но и кај Македонски Брод.