Бектеши едно, Инспекторатот друго: Зошто граѓаните се излажани дека нема да бидат казнувани невакцинираните?

Пред точно 6 дена министерот за економија Крешник Бектеши рече дека ако немаат вакцинални сертификати граѓаните кои ќе бидат затекнати во кафуле од понеделник, нема да плаќаат казни. Односно дека глобите се само за угостителите, кои се должни да ги обезбедат редарите што од задутре ќе контролираат во нивните објекти.

-За непочитување на оваа мерка граѓаните нема да бидат казнети, ќе се казнуваат угостителските објекти. Значи ако сакате да одите по кафулиња, имунизирајте се. Секој што сака да посетува угостителски објект треба да има потврда за имунизација. Ова важи доколку во објектот има над 30 гости. До 30 гости во моментов не важи оваа мерка. Ако бројот на гостите е под 30 угостителскиот објект нема обврска да има редарска служба, рече министерот Бектеши на 9-ти август.

На основа на што, кога и зошто вчера (на само два дена пред стартот на рестрикцијата) се појави информацијата од Државнит пазарен инспекторат дека 250 евра ќе плаќа секој граѓанин ако биде затекнат без документ за примена најмалку една доза, односно сертификат за целосна вакцинација – никој не образложи. Едноставно беше соопштено.

Од друга пак страна од Државниот пазарен инспекторат велат дека тие не може да ги казнуваат граѓаните бидејќи тоа е работа на МВР, но неимунизираните гости ќе одговараат кривично за постапување спротивно од законот за заштита на населението од заразни болести.

Сопствениците на угостителските објекти пак не знаат како ќе ја организираат редарската служба, оти немаат правилници. Последната порака од Независната угостителска комора е дека бараат да се укинат овие мерки, во спротивно подготвени се да излезат на улица. Инаку, за утрер е најавен протест на невакцинираните, со почеток во 19 часот пред Собранието.

Претходна вестАнтикорупциска: Вработувањата пред избори не се во ред, но земјоделските субвенции се регуларни
Следна вестСо претставата „Отело“ во вторник се затвора фестивалот „Стоби“