Новите мерки на владата почнуваат од денеска. Синоќа во неколку градови во Македонија имаше протести против тоа, многу граѓани рекоа – „Стоп за присилната вакцинација“.
Сепак од денес, во земјава, се бара потврда за вакцинација или прележан ковид-19 за да се влезе во угостителски објекти, концерти или на разни натпревари. Според одлуката на Владата поради забрзаното ширење на вирусот, работата на затворените делови од угостителските објекти е забранета, а за седење во отворени делови на кафулиња, ресторани и клубови, лицата над 18 години ќе мора да имаат потврда за најмалку една примена доза вакцина. Граѓаните со потврда за прележан ковид може да посетуваат угостителски објекти, но само 45 дена по болеста, по што ќе мора да имаат потврда за вакцинација како и сите други.
Оваа обврска ќе важи за сите објекти кои примаат повеќе од 30 гости, а угостителите се должни да организираат редарска служба која ќе ја контролира. Освен кафулиња, ресторани или ноќни клубови, сертификатот за ковид е потребен и за сите видови прослави, кои можат да се организираат само на отворено, свадби и крштевки, како и за концерти, семинари, конференции, културни и спортски настани.
На масовниот протест во Скопје, граѓаните јасно покажаа дека се неприфатливи ваквите мерки. Пред Собранието и пред Владата повикаа на стопирање на мерките кои според нив кратат основни човекови права.
-Вакциниран сум но пак дојдов да протестирам. Имам во семејството невакцинирани и сега тие се дискриминирани иако до сега ги почитувале сите мерки. Власта ги дели граѓаните, ни истакна скопјанец кој со синот беше на протестите.
-Сегрегација се воведува во 21 век. Не очекував дека вакво нешто ќе доживеам среде толерантното Скопје. Не ни се дава ниту правото да размислуваме со своја глава, а да не зборувам дека тие не се самоказнија што немаше вакцини со месеци иако сега велат дека тоа било најважно за да се избориме со вирусот, објасни скопјанка зошто е на протестите.
На протестот беа и менаџери на угостителски објекти.