Денес сме лишени од слобода на самоопределување, со поткопан суверенитет и неизвесен интегритет, со нехумано големи разлики меѓу богатите и сиромашните…
Академик Катица Ќулавкова смета дека во изминативе три децении направени се бројни грешки кои донесоа тешки последици по државата.
Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?
-Македонија побудува многу асоцијации кај мене. Тие зависат главно од историските и личните околности. На пример, во детството, за мене Македонија беше безбедно место за живеење, а безбедноста е олицетворение на слободата, место каде што не нѐ дебнат опасности. Моите сеќавања за родителската куќа во Велес се поврзани со сликата на отворената влезна врата. Клучевите беа отсутни во мојата рана младост. Немаше потреба од клучеви оти немавме страв од крадци и насилници. Тоа чувство на безопасност е дискретна рефлексија на реалната слобода. Денес вратите се блиндирани, клучевите – неодминлив реквизит. Една друга емотивна слика од младоста: кога патував низ светот, Македонија за мене беше место на коешто сакав секогаш да се вратам, не само заради мојот дом, туку заради Македонија што ја доживував како мојата Дома во една сетилна и метафизичка смисла на зборот. Денес, кога ќе помислам на Македонија, а помислувам сакала не сакала секојдневно, Македонија ја доживувам потресно, имам чувство дека сме изневерени, толку е отуѓена од она што треба да биде! Македонија е повеќе илузија од стварност, ја гледаш и не ја гледаш во исто време, и твоја е и не е твоја, таа е скршено огледало, куќа која се урива секој ден по малку. Сепак, засекогаш ќе ме обзема желба да ја видам, допрам, мириснам, вкусам, да ѝ се восхитувам. Македонија има безброј лица и една голема душа која не ме остава рамнодушна!
Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?
– Грешка прва: не смееше да се дозволи да бидеме примени во ОН вон стандардите на ОН, како преседан. Зошто, затоа што разговорите околу името на државата се претворија во 5 до 12 во спогодба за тоа на која Македонија мислиме историски, територијално, културно, национално и државно кога говориме за Македонија. Прифативме редефинирање на македонската нација, македонската држава, историја, јазик… Сами се откажавме од она што веќе го имавме стекнато како легитимно: признаено име на државата, народот и јазикот (а на цивилизираниот свет му е незамисливо да преговара за историја, јазик и име), сами ја отворивме Пандорината кутија на идентитетот која беше затворена со формирањето на Република Македонија во составот на федеративна Југославија, сами ја продолживме агонијата и понижувачката ситуација. Денес сме лишени од слобода на самоопределување, изневерени како нација, со поткопан суверенитет и неизвесен интегритет, со нехумано големи разлики меѓу богатите и сиромашните, меѓу здравите и болните, поделени по сите основи, немаме дури ни консензус околу сопствената перцепција на нашата држава. Живееме во време на целосен распад на системот на морални, политички, образовни, социјални и демократски вредности. Грешка втора: ја ревидиравме државата од граѓанска и демократска во мултиетничка. Дозволивме да бидеме регионален и глобален експеримент. Формирањето политички партии врз етничко начело значи фрагментација на општеството, неконтролирана дезинтеграција. Се откажавме од начелото на мериторност и врвен квалитет во сите сфери на општествениот живот. Грешка трета: Собранието го смени Уставот на РМ без валиден референдум, спротивно на народната волја.
Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?
– Не. Донесувањето клучни закони се одвива спротивно на здравиот разум, европското знаменце служи како покритие на многу нерегуларности.
Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?
– Се вели дека секогаш може да се даде повеќе, можеби тоа е точно, но не мора. Ако сум направила некое големо дело, значи дека сум дала нешто повеќе од обичното. Но не би сакала да играм улога на жртва. Она што го правев во творештвото, го правев посветено и со љубов, а она што го направив во општествениот ангажман беше заради идеали. Мојот фокус не е дневната политика, не е социјалната и медиумска сцена, јас сум посветена на уметноста на зборот, науката, македонската кауза и она што ме прави мајка, човек и жена.
Со што најмногу се гордеете во нашата земја?
– Со фактот дека имаме огромен човечки интелектуален и креативен потенцијал. Тоа што Македонија недоволно го користи не значи дека не постои.
Во каква Македонија сакате да живеете?
– Македонија да биде цивилизирана, слободна, правична, грижлива за лицата со посебни потреби, со стратегија за задржување на младите во државата, за враќање на раселените Македонци, со нормален попис, нормално образование, вработување… Ако нешто се маргинализира, тоа треба да биде организираниот криминал кој го поткопува хуманиот поредок на нештата.
Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?
– Ми недостасува нормална, чесна, визионерска власт која ќе го штити општомакедонскиот национален и државен интерес. Стабилизација на состојбите во здравството, затоа што хаосот со Ковид19 е застрашувачки. Ова е време на тотален надзор – паноптикум. Најновата вест за прифаќање бегалци од Авганистан е шокантна. Хуманоста е само изговор за опасни геополитички сценарија.