На 25 јуни, пред два месеци, општина Aеродром најави дека е поставена првата станица за кабаст отпад на нејзината територија. Лоцирана е во близина на поранешната слаткарница „Стела“. Аеродромци го дочекаа поставувањето со поздрав, иако долго време пред тоа мака мачеа, не успевајќи да ги погодат тајминзите за мобилните собиралишта на ваков тип на отпад што општината ги најавуваше од време на време.
-Следејќи ги европските примери, сакаме да им излеземе во пресрет на граѓаните што имаат потреба да се ослободат од старите предмети од домаќинствата, а притоа тоа да биде бесплатно и во близина на нивните домови, изјави градоначалникот Златко Марин на 25 јуни 2021.
Ама по се изгледа дека само поставувањето било „европски“, но не и функционалноста на т.н. станица. Имено цели два месеци откако е поставена станицата, отпадот ниту еднаш не е собран. Граѓаните за „Скопско ехо“ раскажуваат дека се обратиле до општината, но сликата на терен останувала непроменета.
-Децата си играат тука, и не само тоа, таа е „магацинско складиште“ од каде „старо купувам“ си „снабдува“ роба, па тука е врволица од моторчиња со приколки и влечни коли, па и преспивалишта понекогаш за бездомници, реагираат аеродромци до „Скопско ехо“.
Зошто станицата за кабаст отпад остана неиспразнета толку време, зошто не се постави понастрана од овој густо населен дел на Аеродром и зошто нема повеќе вакви станици во општината… се само дел од прашањата на кои се чека одговор од Марин?