Изложба на дела на Петар Хаџи Бошков од 18 септември во Стоби

„Откривање на иднината: Археологија на модерноста“ е насловот на проектот што ќе биде изложен од 18 септември во Стоби, а се дела од македонскиот реномиран скулптор Петар Хаџи Бошков (1928-2015).

Ќе бидат поставени околу 40 дела на авторот изработени во периодот од 1962 до 2004 година.

Иницијативата за реализација на овој проект е на Спасе Перовски, директор на Археолошкиот локалитет Стоби.

-Идејата за изложба на скулптури од Петар Хаџи Бошков на археолошкиот локалитет Стоби во делумно затворен и, пред сѐ, отворен простор, потекнува од програмата „Стоби – Жив град“, компаративниот однос помеѓу заштитените културни добра и современата визуелна уметност од прва категорија во рамките на нашата држава. Во основата на оваа идеја е зборот култура, кој е водилка во размислувањата, а доаѓа од латинскиот збор „colere“, што значи одгледува, се грижи… Заштитата на културното наследство во својот облик и во својата законска и највисока форма можеме да го видиме и да го доживееме во стариот град Стоби, наспрема визуелните карактеристики на уметноста на нашиот модерен скулптор Петар Хаџи Бошков. Овој современ дискурс ќе биде амалгам за големиот временски распон во однос на културата и културните вредности. За нашата држава, за нашите граѓани и за нашиот однос кон културното наследство, вели Перовски.

Инаку Петар Хаџи Бошков е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век – дипломирал во Љубљана, а специјализирал во Лондон, на Кралскиот колеџ за уметност. Во Скопје се враќа во педагошката дејност, прво како професор во Уметничкото училиште во Скопје (1968-1980), а подоцна и како професор и прв декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, сѐ до своето пензионирање.

Претходна вестСекоја година слушаме колку дрвја изгореа, но колку засадивте и обновивте до сега?
Следна вестСончево време со мала до умерена локална облачност