За писателката Лидија Димковска македонската метропола станала централно место во кое се слева населението иако во светот се стремат токму кон спротивното.
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Моето вообичаено прво претпладне кога сум повторно во Скопје: излегување од старата зграда на улица „Карл Либкнехт” во Маџари, која ме инспирираше да ја напишам збирката раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт”, поминување покрај удолниците на зградите во кои Злата и Сребра од романот „Резервен живот” ја играат со Розе играта на претскажување, купување дневни весници, чекање автобус број 50 на постојката со некој нов некролог прикачен на дрвото, слегување на Бит-пазар, потоа возбудлива прошетка низ Старата чаршија, симит-погача во салфетка, добра изложба, тихување во црквата „Свети Димитрија”, пиење вода од малата фонтана во дворот, слевање со минувачите на Камениот мост кои на плоштадот пристигнуваат секој со своја приказна, а потоа скршнувајќи со сопствената приказна по улиците се до книжарницата на „Или-Или”, каде што се „дома” и моите книги.
Кое Скопје го сакате повеќе: ова сега или тоа од порано?
– И ова сега, можеби затоа што ретко го гледам, но секојпат со одлично посетени книжевни и уметнички настани, и она од порано, од крајот на осумдесеттите, кога кејот на Вардар мирисаше на дрвја и вљубувања по поетските средби во Домот на градежниците „Кочо Рацин”, или на почетокот на деведесеттите кога скопскиот универзитет вриеше од млади желни за знаење, кога и мејнстримот и алтернативата си имаа свои омилени места, ноќен живот, дневни дебати, визии и идеи, ноќни автобуси со мирис на бурек и јогурт, плоштад голем како сонце, но и претесен за себепотврдувањата на македонскиот народ по распаѓањето на Југославија. Скопје е, всушност, секогаш инспиративно.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
– Има убаво средени катчиња низ Скопје, но недоволно, градот во основа е нечист, пренатрупан со градби и сообраќај, нема зеленило, неоштетени детски игралишта, а ни доволно корпи за смет. Апсолутно скопјаните не го добиваат она за што му плаќаат на градот, но понекогаш ни градот не го добива она што би требало да му го дадат жителите – чистота, лични заложби, однос како кон ближен, чувство дека градот е дом што треба да се одржува и чува.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
– Да, колку што можев. Скопје е засекогаш присутен во мојата биографија и во мојата проза и поезија, во романот „Резервен живот” е опфатен, на пример, од осумдесеттите па се до првата деценија на 21 век, географски, емотивен и културен фон е што го носам насекаде низ светот. Скопје е брош врз моето срце што ме грее и ме боцка за да не го заборавам.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Со тоа што Старата чаршија се уште успева да ја одржи својата форма, иако е очигледно дека комерцијализацијата сака да ја потчини, па во таа смисла ја нема повеќе, на пример, Менада, култното кафуле за настани и свирки, и секако најмногу со културното наследство како што се црквите, џамиите, пренаменетите амами, како и парчињата модерна постземјостресна архитектура, сето она по што и светот би требало да го знае Скопје.
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– Скопје не е ни голем ни мал – туку преполн, а тоа се должи на политиката во целост. Не сакајќи, Скопје стана град-полис и централизирано место во кое се слева населението, а денешните еко и геополитики во светот се стремат токму кон спротивното: луѓето да сакаат да живеат надвор од главниот град за да можат да му се враќаат не од егзистенцијална потреба, туку од задоволство.
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– Ми недостасува чист воздух, хигиена, автобуси без турканици, празни тротоари, совесни жители, култура на однесување, мултикултурно сожителство, професионално работење на институциите, деполитизација на градот, повеќе книжарници, библиотеки, галерии, детски центри за учење, домови и дневни центри за стари лица, можности за сите маргинализирани групи, екоградини и паркови. Би му ги одзела зданијата од проектот Скопје 2014, односно би ги пренаменила во уметнички, концептуални и модерни цели, а со хумор и иронија тоа е апсолутно можно.
Во какво Скопје сакате да живеете?
– Би сакала тој да е мултикултурен град во кој мостовите поврзуваат, а не раздвојуваат, космополитски град со широка насмевка врз лицата на задоволни, среќни и совесни жители и намерници кои ниту фрлаат ниту прескокнуваат ѓубре, град во кој не се уништува се што ќе никне од ентузијазам, град во кој генерациите живеат во меѓусебно разбирање и почит, град без стрес, град во кој се вовлекуваш како во сопствен дом во кој ти е удобно и убаво, град во кој секој човек има дом.