Џафери ќе чека предлог од Заев за да ги стави оставките во здравство на дневен ред

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа од претседателот на Собранието Талат Џафери како прва точка на денешната 50-та седница, да ја стави предлог-одлука за разрешување на Венко Филипче од функцијата министер за здравство, но Џафери го одби, со образложение дека, согласно Уставот, таквиот предлог треба да биде доставен од страна на претседателот на Владата. Џафери потенцира дека таков предлог не добил од премиерот.

Џафери се повика на процедурата за разрешување на член на Влада е санкционирана во член 94 од Уставот, што претходно во повеќе наврати го посочуваа и од СДСМ – дека член на Влада има право да поднесе оставка, а претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата, по што за предлогот за разрешување на член на Влада одлучува Собранието на правата наредна седница.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пак, се повика на член 220 од Деловникот на Собранието – дека Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата или на член на Влада му престанува мандатот на денот на одржување на седницата и врз основа на тоа бараше да се констатираат дадените оставки на министерот за здравство и неговиот заменик.

Тој потсети дека имало таков случај во 2013 година кога тогашната опозиција СДСМ побарала разрешуваше на висок функционер и тој предлог бил ставен на дневен ред.

Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев цитирајќи ги ставовите на член 219 од Деловникот рече дека премиерот во случај на оставка треба само неа да ја достави до Парламентот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери кажа дека тој ќе ги стави оставките на дневен ред тогаш кога ќе му бидат доставени од премиерот.

 

Претходна вестВ петок и сабота во Скопје доаѓаат живите статуи
Следна вестНекои ги одбиваат попишувачите, ама не е многу често, вели Симовски