Наставничкиот пленум бара од Министерството за образование и наука скратување на времетраењето на часовите во наставата со физичко присуство од 45 на 30 минути бидејќи, како што наведува во соопштение, наставниците имаат големи потешкотии да ја реализираат наставата во затворен простор и почитување на сите протоколи утврдени од Комисијата за заразни болести.
Пленумот од МОН бара и во училишта во кои има повеќе од 15 ученици во паралелка да се премине на комбинирано учење односно физичко присуство и онлајн-настава.
Наставничкиот пленум во барањата пратени до МОН и министерката Мила Царовска бараа наставниците да се ослободат од секојдневните дежурства предвидени за период на учење со физичко присуство за време на пандемија.
Дека протоколите не се почитуваат во некои училишта деновиве предупреди и Народниот правобранител, врз оснва на пријава од родители.
Но министерката за образование Мила Царовска и тогаш и денеска рече дека е во постојана комуникација со директорите на училиштата и дека таквите случаи се минимални. Сепак, таа вели дека тоа е работа на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.