Зелен Аеродром поцрвенува од нервози. Зошто? Па локалната власт се подготвува да сече цел убав дрворед на улицата „Васко Карангелевски“. Ќе го проширувале асфалтот.
Зарем е можно по толку загадување и бутање на бетон на секое парче празно место во Скопје, сега и долгогодишни стебла да се сечат, прашуваат аеродромци откако се обзнани дека преку дваесетина дрјва се обележани со црвена боја. Нашкрабано е нешто во облик на буквата „С“. Дали тоа за некој работник ќе значи – сечи? Или пак – секира?
Жители на Аеродром вчера и протестираа поради најавената сеча на улицата спроти Воениот базен, односно полициската станица и училиштето „Љубен Лапе“. Таму денес можевме да видиме веќе е пристигната и соодветна механизација, булдожери…
-Улицата и не треба нешто посебно да се проширува. Не ми е јасно и зошто дел од дрворедот го надополнија пред една-две години ако сега го сечат, ни истакна еден пензионер кој живее во домот токму на улицата.
Од Општина Аеродром објаснуваат дека пробивањето на оваа улица не е во нивна надлежност, туку на Град Скопје, а Градот пак, ветува дека по завршувањето на градежните работи ќе биде засаден дрворед по должина на целата улица.
– Дополнително покрај тројното зголемување на дрворедот, улицата во делот од крстосницата со улицата „Владимир Комаров“ до крстосницата со булеварот „Трета македонска бригада“, ќе добие нови тротоари, велосипедски патеки, нова атмосферска канализација и ново ЛЕД осветлување, стои во објаснувањето од Градот Скопје.
Дали Град Скопје, по укажувањето на дел од аеродромците, ќе ја одложи оваа работа во која главна улога имаат секирите и моторните пили? Ова во многу зависи од еколошката свест на тие што одлучуваат. Порано, на митинзи велеа дека Скопје ќе стане зелен град, а пред тоа и многу се бунеа кога други сечеа дрвја.
И уште едно прашање: А зошто со ова се брза и се почнува на само дваесетина дена пред нови локални избори. Нека почекаат, скопјани да гласаат, па ако ја добијат довербата нека градат.