Лекарката од Општата болница од Куманово која пред два дена беше фатена со поткуп од пациенти доби осумдневен притвор, а кумановското Основно јавно обвинителство поведе постапка против неа поради постоење основано сомневање дека сторила криични дела: Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 2 во врска со став 1, а во врска со член 45 став 1 и Примање поткуп од член 357 став 6 во врска со сатав 2 во врска со член 45 став 1 од Кривичниот законик.
Според ОЈО, лекарката од Очното одделение на кумановската болница на 22.09.2021 година директно побарала и примила корист за себе, парични средства, за да изврши службено дејство што морало да се изврши.
-Таа во два наврати, на свои пациенти, им побарала износ од по 12 000 денари за да им изврши операција на катаракта, под изговор дека ваквите средства и се неопходни за набавка на леќи, иако леќите ги набавува самата болница, а оштетените не биле должни да го платат наведениот износ, односно требале да платат само партиципација. Побараниот паричен износ пред да бидат извршени операциите, оштетените и го платиле директно на рака на обвинетата, при што не добиле никаква потврда за уплатата, велат од ОЈО.
Судот со Решение на осомничената и определи мерка притвор во траење од осум дена.