Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер Муса Џафери, заработи кривична пријава за насилство поради физичкиот напад врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Инцидентот се случил синоќа во угостителски објект во Дебар Маало во Скопје, а причина за нападот е постапката за одземање лиценца на фирма која се занимава со снабдување со струја.
-Во врска со случајот кој синоќа околу полноќ во СВР Скопје го пријави М.Б. (45) од Скопје дека на тераса од угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Џ. (28) од Скопје, ја известуваме јавноста дека случајот е целосно расчистен и против А.Џ. ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од Кривичниот законик, велат од Министерството за внатрешни работи.
МВР изготвило и писмено известување до ОЈО Скопје, извршени се разговори со сведоци на настанот, обезбедена е видеоснимка, а пријавениот го признал делото.
-Извршен е разговор со пријавениот А.Џ., кој во целост го призна делото, и по консултација со јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од КЗ, велат од МВР.