„Не“, одговори премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата, дали би поднел оставка доколку СДСМ, во вкупен износ, има помалку гласови за советничките листи во општините по првиот изборен круг в недела.
Изборите за советници во 80 општини и во Градот Скопје се спроведуваат во еден изборен круг, според пропорционален модел. Изминатиот период беа објавени повеќе анкети, со различни прогнози за евентуалниот победник.
На локалните избори во 2017 година СДСМ освои најмногу гласови од сите учесници на советничките листи – над 420 илјади, кои им донесоа околу 530 советнички места, наспроти 415 советнички мандати на ВМРО-ДПМНЕ, која освои над 335 илјади гласови.
Локалните избори оваа година се многу поразлични од пред 4 години, бидејќи повеќе партии излегоа и со свои листи и со кандидати за градоначалници, а има и многу независни листи и кандидати во речиси секоја општина.