Организациите на Бугарите во земјава бараат од Софија да ги заштити нивните права во Македонија

Организациите на Бугарите во земјава денеска упатиле апел до бугарските политички лидери со барање за „заштита на нивните права“.

– Нашите деца да може да се нарекуваат Бугари, а ние, како и сите други граѓани на Република на Северна Македонија, да можеме да работиме целосно и рамноправно за нашата земја и за нејзиниот економски, политички и социјален подем, се додава во писмото потпишано од организации на Бугарите во земјава што го пренесуваат бугарските медиуми денеска. Според нив, во земја „доминира јазикот на омраза кон се што е бугарско“.

Оваа следи, откако македонските организации во Бугарија вчера објавија Декларација во која ја осудуваат, како што наведуваат, континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водена официјално против Македонците во Бугарија.

– Ја осудуваме политиката водена од Република Бугарија против Република Македонија, поставувањето на иритирачки услови пред нејзиното членство во ЕУ, а имено да се откаже од идентитетот на македонската нација, јазикот, историјата и да се одрече од македонското малцинство во Бугарија, стои во Декларацијата на македонските здруженија во Бугарија.

Тие од Бугарија бараат да не го негира македонското малцинство, да го признае и да му ги даде сите права. Бараат Бугарија да го промени Уставот, така што во него јасно да бидат гарантирани правата на националните и етнички малцинства и да стане невозможно „единството на нацијата“ да биде користено против правата на малцинствата. Понатаму, бараат Бугарија да запре да ја уценува земјава и да ја деблокира нејзината евроинтеграција.

Премиерот Зоран Заев вчера одговарајќи на новинарско прашање во врска со оваа Декларација, рече дека сите правата треба да ги бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, напоменувајќи дека не е европски, ниту добрососедски и пријателски, ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија, ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас.

– Ние треба да го правиме она што го прават сите други земји, секогаш кога се јавуваат граѓани во други земји, а тоа е апелирање за почитување на меѓународните договори за сите и секогаш правата да ги бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Не е европски, ниту е добрососедски, ниту е пријателски ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија, ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас, одговори вчера Заев.

Заев истакна дека и барањето од Бугарија за вметнување на бугарската етничка група во нашиот устав не го доживува како мешање во нашите внатрешни работи. Тоа, рече тој, е право на секоја земја да побара, како што е наше право да одлучиме дали ќе го направиме тоа.

 

Претходна вестФилипче не очекува посилен бран на ковид, следна мерка е само вакцинирани со две дози да имаат сертификат
Следна вестМакедонски и албански државјани уапсени во обид да прошверцуваат над 67 кила марихуана