Спомен-обележјето на загинатите 193 бугарски војници, во близина на трасата за експресниот пат Градско-Прилеп, нема оштетувања, велат од Министерството за надворешни работи укажувајќи дека се работи за шпекулации.
-Со утврдената фактичка состојба од надлежните институции, сакаме да ги отфрлиме сите обвинувања кои се појавија во јавноста, притоа и да упатиме апел до сите инволвирани поединци и институции да бидат внимателни и да не наседнуваат на очигледни провокации чија интенција е да ги загрозат добрососедските односи меѓу двете земји, и напорите на двете Министерства за изнаоѓање заеднички решенија за надминување на разликите, велат од МНР.
Реакцијата доаѓа откако во медиумите се појавија обвинувања дека за сквернавење, а вчера реагираше и бугарското МНР кое обвини дека бугарските споменици во земјава во најголем дел се во многу лоша состојба, како резултат на „конзистентната политика на дебугаризација во минатото на територијата на денешна Република Северна Македонија“.
Од МНР нагласуваат дека откако се појавија обвинувањата Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура и Јавното претпријатие за државни патишта при Министерството за транспорт и врски направиле вонреден увид, но не констатирале оштетувања.
Прво, нагласуваат дека овој споменик не потпаѓа под никаков режим на заштитен споменик или културно наследно, но и без тоа тој не е оштетен. Понатаму, споменикот се наоѓа среде земјоделство земјиште, меѓутоа и во таков случај при обработката на земјиштето тој се заобиколува.
Трето, споменикот е надвор од предвидениот појас за изведба на трајните работи и не е засегнат од какви било извршени градежни работи и по извршениот увид на терен е констатирано дека е без видливи оштетувања.
Исто така, од Министерството нагласуваат дека околу овој споменик нема гробишта или гробни места и не се знае дали нешто било различно во минатото, но на околу 100 метри од овој споменик има второ помало спомен-обележје чија историја не е позната.
Реакција дека се осквернавени два бугарски воени гробници во Македонија, како што вчера наведе во реакцијата бугарското МНР, до бугарските власти испратила Фондацијата „Македонија“ по што оттаму наведоа дека активно ќе работат на разјаснување на фактите и преземање на соодветни мерки.
Слични обвинувања денеска стигнаа и од претседателот Румен Радев.