Патот Прилеп-Битола како шверцерски канал – фатени 50 кила марихуана наменета за Грција

На патот Прилеп-Битола, полицијата вчера спречила меѓународен транспорт на марихуана, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР).

Во автомобил биле пронајдени 50 килограми дрога, која потекнува од Албанија, а чија крајна дестинација била Грција. Проценетата вредност на марихуаната е околу 200 000 евра.

-На патниот правец Прилеп-Битола од страна на сообраќајна полиција запрено е патничко возило „пежо карван“, со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Ј.(31) од Скопје и при извршена контрола било констатирано дека лицето не поседува возачка дозвола и возилото не било технички исправно, а по извршениот преглед биле пронајдени две патни торби во кои имало 9 големи пакувања марихуана, во вкупна количина од 50 килограми, соопштија од МВР.

М.Ј. бил приведен, а за случајот е известено и веќе постапува прилепското обвинителството. Како што информираше Министерството, се утврдува евентуална инволвираност во транспортот на дрогата и на други лица.

Слична акција имаше и минатата недела, на 13 октомври, кога МВР пресече меѓународен канал за транспорт на над 67,5 килограми марихуана која исто така, потекнувала од Албанија и требало да се пренесе во Грција. Дрогата беше откриена во близина на граничниот премин „Богородица“, а вредноста и на таа количина беше проценета на 200 000 евра. Во акцијата тогаш беа уапсени шест лица: четворица државјани на Албанија и двајца на Македонија.

Еден од најголемите случаи на пресекување канал за транспорт на дрога кој беше регистриран изминатиов период, пак, беше во април годинава кога на патот Прилеп-Росоман беа запленети 200 килограми марихуана, а уапсени шест лица меѓу кои и полициски командив од Прилеп. Во акцијата и истреагата покрај МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, беше вклучена и Американската служба за борба против дрога (ДЕА).

Претходна вестДосега ниту едно дете од скринингот не е позитивно, можен скрининг и на хронични болни
Следна вестДемнат крадци, не оставајте ништо вредно во колите