За 4 години се копа до центарот на планетата, а не пак да се отвори рудник за јаглен

На време требаше да се мисли и да се преземаат мерки за да не се дојде во енергетската криза каква што сега ни се случува, но тоа не се правеше во изминативе четири години, укажува експертот за енергетика и универзитетски професор Константин Димитров.

На прагот сме од енергетска криза во зимскиот период и покачувањето на цените на енергенсите. Зошто ни се случува ова, каде се згреши?

-Наш основен проблем во енергетскиот сектор е што никаде не се движиме, што стоиме во место. А кога се нема движење тогаш се случува пропаѓање. Проблем е во тоа што не се спроведуваат мерките во сферата на енергетиката кои се потребни и кои одамна требаше да бидат спроведени. Не се градат нови објекти, не се прават ремонти на енергетските постројки, а не се набавуваат ниту суровини за енергетските објекти.

Веќе цели четири години не се отвора ниту еден нов коп за рудник за јаглен. А во програмата на новата Влада беше најавувано дека ќе има нови зафати во енергетскитое сектор и дека тоа е еден од приоритетите. Тоа тогаш го најавуваше Кочо Анѓушев тогашен заменик премиер задолжен и за овој сектор. Но, оттогаш до сега, ништо. Не се отвори најавуваниот рудник за јаглен „Живојно“ кој требаше да обезбедува јаглен за РЕК „Битола“ и друго. За четири години се стасува до центарот на земјата, а не пак да се отвори рудникот.

Што треба да се прави во ваква ситуација?

-Ние уште пред десет години сме зборувале што да се прави, но проблем е во тоа што Владата не го правеше тоа. Не може само да се збори „ќе“, „ќе“… туку треба да се инвестира. Вие може до утре така да зборите и ништо од тоа. Се уште не се направени „Чебрен“ и „Галиште“, се поништуваат тендери, студии за термоцентрали на гас… Значи, не се прави ништо само се збори во стилот „ќе донесеме 500 милиони евра“, „земјата ќе ја направиме Швајцарија“. Проблемите не се решаваат со набавка на луксузни возила или со нови вработувања во енергетскиот сектор туку со вложувања во опрема и објекти. Но, сето тоа е веќе задоцнето…

Претходна вест260 вакцинирани лица починале во Македонија од Ковид-19 од август до сега
Следна вестПрофесорот Ѓорѓиев ја напушти историската комисија со Бугарија: Има политички притисоци, се занемаруваат националните црвени линии