Пријателот на Шилегов

Колумна на Никола Тасев:

Ова кампањава главите ни ги наполни со политички ветувања. Некого помалку, некого повеќе не наполни и со набој. Посилен набој имал и мој пријател. Ми се јави и ми вели нервозен бил оти слабо поминал неговиот фаворит Петре Шилегов. Како да го тешам? Среќа не морав да му ја мислам, тој веќе во наредната реченица ме нападна дека ете дури и јас не сум напишал никогаш добар збор за Градоначалникот. Ми вели: „те читам – еден добар збор за Петре не си напишал. Еве човекот работи, се мачи, мисли на сите нас за подобро Скопје”. Додека пријателот зборуваше, си помислив: „делумно е во право, навистина не сум го пофалил”, и кратко му реков: „ајде важи, ќе пробам да напишам нешто”.

И заинтересирано седнав пред компјутер, како и пред секое пишување, да истражувам околу активностите на скопскиот градоначалник. Зошто да истражувам? Па речиси ништо крупно не сум видел и слушнал дека направил. И сурфав, сурфав неколку часа… За првите две години од неговиот мандат не најдов нешто за фалење, тук – таму некоја уличка или тротоарче подзакрпени и многу многу најави за идно работење. Арно ама ни Гугл, ни страницата на Град Скопје нема што покретно да каже. Сепак, минатата година малку живнал пред парламентарните избори – извадил багери на неколку улици, ама пак ништо крупно од спектакуларните најави и предизборните ветувања. Пак нема за што да се пишува, освен ако си партиски послушник, па да фалиш нешто што не е за фалење. И така досурфав до годинава кога Петре малку се одмрзнал, ама и разбирливо е предизборие, треба да остави впечаток на скопјани дека нешто работи. Ама само започнува проекти, а ќе биле завршени по две или три години…

Ај си реков, можеби и интернетот е против Петре, па ги крие текстовите каде што реализирал проекти ветени во 2017 година, па одлучив да „повикам пријател”. Се јавив кај истиот тој, кој пред неколку дена се лутеше што никогаш не сум го пофалил Градоначалникот. Побарав од него да ми помогне и да ми каже два – три покрупни проекти што се реализирани за да можам да напишам пофално слово. Но од другата страна на линијата – молк цели две минути. „Не ми текнува”, дури и посрамено ми одговори пријателот на Шилегов.

Штета! А баш ќе испаднеше добар текст.

Ако само малку работеше Шилегов ќе го пофалев за тунелот под Кале, дека сообраќајот во центарот е растеретен, децата уживаат на атрактивниот зип лајн… А да му напишам дека се уште тунелот под Кале е најубавиот неизграден тунел на светот – не иде. Ептен ќе го изнервирам пријателот.

Потоа со мислите се префрлив кон Аквадуктот. Си создавам слика (од дадените ветувања) како скопскиот паметник е уреден, реставриран, исчистен… како бројни туристи од цел свет се сликаат околу него, како се одржуваат концерти, претстави, како… Е како, ама успеав да најдам само фотографии од две прес-конференции на Шилегов дека ЌЕ се средува Аквадуктот. А кога?

И понатаму сум упорен – сакам да го пофалам. Барам нешто, чукам по тастатурата… Додека размислувам, син ми ме прашува: „А зошто одамна не сме биле во Луна Парк?” Аха, еве тема! Ама пак разочарување. И тука четири години освен рушевините и најавите дека ЌЕ се гради или само што не почнало да се гради, ништо конкретно.

Продолжувам да барам: чист воздух, зелени фасади, уредување на коритото на реката Серава, Треска… но и тука ништо. Само ЌЕ, ЌЕ, ЌЕ…

Ѕирнав и едно интервју со Петре Шилегов. Се правда дека за некои од работите што не ги реализирал, не е виновен тој, туку државата имала надлежност. Штета што новинарот не го праша: „а државата Марсовец ли ја води или твојот партиски другар Заев. Па вие си разговарате ли за потребите на скопјани или само за партиски работи, како да вработите некој сопартиец или кои фирми се „податливи” за тендери?

И така не успеа мојот обид да напишам пофално слово за Шилегов, А времето за пишување ми пројде, овие од „Скопско Ехо“ се точни со термините, затоа еве ја скицата од обидот, а и пријателот да види дека сум сакал да го пофалам Петре, но…​

Претходна вестВо Охрид попрво пастрмка ќе прозбори отколку што дивоградбите и паркинзите ќе се средат
Следна вестУште четворица Авганстанци си заминаа од земјава