Меѓу двата изборни круга, премиерот Заев истакна дека народот му дал жолт картон. По вториот круг доби црвен и усно поднесе оставка. Но, дали само тој беше вистинската и единствената адреса за народниот црвен картон?
Кога се посочува незадоволството од работењето на Владата, граѓаните посебно ги истакнуваат и образование и за здравство Мила Царовска и Венко Филипче. Нивното работење со месеци е цел на сериозни критики.
– Како пензиониран просветен работник можам да кажам дека таква арогнација како кај министерката Царовска не сум видела. Убедена сум дека ако не повеќе ама некаде 80 отсто „заслугата“ за поразот на СДСМ и припаѓа токму на Мила Царовска. Таа „објави војна„ и на родителите и на наставниците и со еден инаетлиски став не прифаќаше никакви сугестии од никого. Доколку таа жена не се смени и не се повлече малку со својата ароганција поразот на СДСМ ќе биде уште поголем на парламентарните избори, предупреди уште по првиот изборен круг граѓанката Султана Штерјова во изјавата за нашиот медиум.
Анализите на изборниот пораз кои сега ќе се прават во редовите на се уште владеачката партија СДСМ сигурно ќе покажат колку биле погрешни начините на реформите во образованието кои таа ги форсираше. Револтот и отпорот на голем број граѓани – родители на учениците на максимално ниво го крена експресното водење на реформите, најавата за менување на концептот за основното образование, укинувањето на посебните предмети Историја и Географија, консултирање само на тесен круг на истомисленици, игнорирање на мислењата на цела низа на образовните институции… па се до најавите за воведување на дигиталните и замена на печатените учебници за учениците. Сето ова предизвика самоорганизирање на граѓаните, протести, реакции на кои Царовска не обрнуваше внимание.
-Заев згреши што не ја прифати оставката на Филипче. Премногу е да ти изгорат толку многу пациенти, а ти на митинзи да се смееш и да кажуваш дека си најдоброто за градот. Ова им се освети, коментира карпошанката Лидија.
Иако во првите месеци од пандемијата се чинеше дека добро му оди на министерот Филипче и стана популарен на социјалните мрежи, набрзо стана предмет на бројни и негативни реакции на граѓаните. Како што се зголемуваше бројот на починатите со кој станавме една од водечките земји во светот, како што се ширеше опасниот вирус и се поголем број на заразени, на виделина излегуваа и несредените работи во здравствениот сектор. Не се утврдуваа јасни протоколи за лекување на болни од Ковид -19, не се попречуваше преголема употреба на антибиотиците, не се најде решение за подобра комуникација на матичните доктори со пациенти и со болниците, се доцнеше со превентивни мерки, се преземаа погрешни и нелогични мерки, се доцнеше со набавката на вакцините, не се утврдија грешките во лекувањето на болните, многу мерки беа нелогични… Кулминација на сето ова беше катастрофалниот пожар во тетовската модуларна болница во која живи изгореа 14 лица и по кој Филипче не поднесе неотповиклива оставка туку и натаму, по одлуката на премиерот, си остана на функцијата.
Сето ова се доволни аргументи за да се види дека црвениот картон кој на премиерот Заев му го дале избирачите се однесува и на Царовска и на Филипче. Секако има и други министри кои треба да сносат одговорност за изборниот пораз и тоа треба да се има предвид при најавената реконструкција на Владата.