Поразот на владеjaчката СДСМ на локалните избори на виделина полека почнува да ги вади и внатрешните поделби, конфронтации, прегрупирања… Кој е виновен за тешкиот пораз, кој треба да си замине од партијата? Овие прашања ги мачат деновиве.
Поранешниот партиски лидер и премиер Владо Бучковски синоќа истакна дека дебаклот на социјалдемократите е врзан за опструкциите кои ги правел порашениот неприкосновен партиски шеф, премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски.
– Неколку групации покажуваат амбиции за преземање на водството во СДСМ по заминувањето на Зоран Заев, а меѓу нив е и Бранко Црвенковски. Бранко не крие дека има амбиции и јас во 2006 година се соочив со суетата на Црвенковски. Не случајно некои членови од СДСМ останаа дома. Разочараните сдсмовците нема да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ тие ќе останат дома. Јавна тајна беше дека луѓе блиски до Црвенковски учествуваа во кампањата на Максим Димитриевски, кажа Бучковски во емисијата „Клик Плус“.
На ваквите тврдења на Бучковски денеска нема одговор од Црвенковски. Останува да се потсетиме дека во ноември минатата година, по скандалозното интервју на Заев за бугарскиот медиум „Бгнес“ Црвенковски соопшти дека ставовите на Заев предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Тој соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ се додека партијата не се огради од ваквите ставови. Неодамна, пак, на собирот во МАНУ Црвенковски рече дека „Македонија е корумпирана држава, нема еднакавост пред законот, нема правда, нема доверба во судството…“.
Но, дали главниот проблем на Заев во СДСМ е Црвенковски? Дали можеби проблемот на лидерот на владеачката партија е што многу негови сопартијци навистина се разочарани од него? Дали можеби изборите беа местото каде му покажаа на Заев дека не е се така розево во СДСМ и во Македонија?
Бучковски спомена суети, можеби со вистински одговор на овие прашања ќе се дознае кој е навистина суетен во СДСМ. Со тоа полека и ќе се решаваат сегашните внатрешни поделби во партијата.
Не е лошто во меѓувреме во СДСМ да ја анализираат и пораката пратена од гласачите кои не членови на партијата. Тие беа во огромен број.