Јакимовски ја враќа одлуката во градинките во Карпош да се запишуваат само деца од оваа општина

Новиот градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска повторно ја актуелизираше одлуката која важеше кога тој беше градоначалик претходно, во градинките во оваа општина да не се запишуваат деца од други општини.

Тој ова го кажал на состанок со директорите на градинките на подрачјето на општината на кој било разговарано за главниот проблем – големиот број на деца од општината кои чекаат на упис во градинките.

-Констатирано е дека главни причини за проблемот се ограничените просторни можности и непочитувањето на одлуката на Советот да не се запишуваат деца од други општини. Градоначалникот смета дека е неодговорно однесувањето на директорите да запишуваат деца од други општини, а при тоа  децата од општината да седат дома, велат од Општината.

Според податоците, во одредени објекти има простор за отворање на нови занимални во кои би се згрижиле околу стотина деца, но за тоа се потребни околу 12 нови вработувања за кои до сега нема одобрување од Министерството за финансии.

Јакимовски најавил дека во текот на следните денови ќе се бара решение за проблемот. Во моментот, на листа на чекање во градинките Мајски цвет, Пролет и Распеана младост има околу 350 деца.

– Навистина е неодговорно од директорите да запишуваат деца од други општини, а нивните соседи од општина Карпош да не можат да ги запишат своите дечиња, што е недозволиво. Во наредните денови ќе бараме решение за овој проблем, изјави по состанокот градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски.

Претходна вестСарај, Љубин и Матка попладнево без вода
Следна вестБогдановиќ ја остава општина Центар во плус од 90 милиони денари