Ловеа гласови на спортот, сега нека направат нешто за него

Колумна на Томислав Андоновски:

Поминаа и локaлните избори, како и многу претходни, локални, парламентарни и претседателски, во изминативе триесетини години. Сите натреварувачи на овие локални избори, без оглед дали се натпреваруваа за советници или градоначалници, како по навика спортот, спортистите, спортските терени, здравиот живот ги ставаа во своите изборни програми, во огнени и мотивациони говори за гласачкото тело. Некои  настапуваа со поголеми, а некои со помали ветувања, ама спортот и неговите содржини беа мамка за гласачите. Мамка во  општините во големите урбани средини, ама и во оние рурални, со забавен развој, во туристичките региони за летен и зимски туризам, едноставно во секоја општина.

Да се потсетиме и по завршување на повеќе локални избори, по искористување на спортот за повисоки цели на политиката, државата, поединци ама и од сериозната група на политички профитери и бизнис групи, спортот во општините е употребуван по потреба, се разбира за мотивирање на гласачкото тело.

Што се обрски и интерес на локалните заедници? Тие се едноставни и се резултат на напорите да се децентрализира државата. Затоа, законот утврдил рамка и дефинирал одредени надлежности и интерес: развој на масовниот спорт и рекреативните активности; организирањето на спортски приредби и манифестации; одржување и изградба на објекти за спорт. Со  ова треба да се обезбеди на граѓанинот спортување и рекреативни активности, во зависност од неговиот интерес и потреби.

Реалноста е поинаква, повеќето општини, своите буџетски средства најчесто ги користат без критериуми и процедури спротивно на утврдените надлежности во законот. Разбирливо, оти најголемиот дел од средствата ги насочуваат во прволигашките екипи од неколку спорта. Ретки се општините што средствата ги трошат наменски, согласно законот.

На почетокот на процесите на децентрализацијата на спортот во нашата држава, во 2006 година, според анализите општинитеза спортот издвоиле околу 60 милиони денари, во 2010 година 120 милиони денари, а според анализите во 2020 година оваа сума е околу 700 милиони денари. Мора да признаеме дека ова се значителни средства.

Среќните добитници на средства од буџетот на општините, многу често се познати на јавноста, по правило се блиски до позицијата или пак тоа се идеолатриски клубови, кои најчесто функцинираат како акционерски друштва од 2011 година. Замислете, во тие акционерски друштва најголеми и најстабилни акционери се општините, со средствата што ги добиваат од општинската каса. Многу често 80-90% од средствата на општината  одат на сметката на АД спорт. Ако сериозно ги обработите изворите на финансирање на тие привилегирани клубови, најголемиот дел се средства на општината, има и донации и спонзорства од јавни претпријатија, општествено одговорни компании и бизнисмени кои ги финансираат. Нема да најдете средства кои се заработени од квалитетот на спортистите и тимовите, од ТВ права, реклами или влезници.  Затоа, пак платите на играчите изнесуваат и до неколку илјади евра месечно.Кои се бенефитите од потрошените општински средства? Никој не знае, а не знаат ни тие што го креираат концептот на купување на странски играчи во националните првенства.

Мора нешто да се менува во интерес на младите, граѓаните и спортот, Градоначалникот и Советот, треба да ги преиспитаат досегашните пракси, да се обидат да воспостават процедури и постапки општинските средства да се планираат и  користат согласно закон, рационално и ефикасно.

Градоначалниците, советите и советниците од општините имаат обврска на своите граѓани, од нивните општини да ги подржат и им обезбедат спортување согласно нивните можности и потреби.Двата чинители, локалната самоуправа и граѓаните (младите, спортистите), неопходно е да се поврзат при што граѓаните од општината требареално да бараат од градоначалникот, кој пак треба да предлага програма за спортски активности до Советот на општината. Во овој процес најчесто поставувано прашање е кој ќе ги обезбеди средствата за програмите, неводејќи сметка за квалитетот и основните параметри на програмата и индексите на остварување.

Да не заборавиме, бргу ќе дојдат нови избори и сигурно, новите гласачи, младите, со право ќе прашаат што направивте и што реализиравте од ветеното.

 

Претходна вестНепрекинато ни зборуваат за вакцинирање, а работат ли на подобрено лекување?
Следна вестИсториската комисија е формирана со политички тенденции да удоволи на Бугарија