СДСМ: Зголемено парламентарно мнозинство ќе обезбеди поголема минимална плата и недела неработен ден

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Левица упорно се противат на измените на Законот за работни односи, се противат недела да биде неработен ден за 92 отсто од работниците, а преостанатите 8 отсто кои ќе работат во недела да добиваат до 100 отсто зголемена дневница, стои во соопштението од СДСМ.

Oд владејачката партија напоменуваат дека се закочени и законските измени со кои 4.700 наставници и стручни соработници во основното и средното образование ќе добијат решение за трајно вработување со што ќе стекнат правна и економска сигурност.

Блокиран е и предлог Законот за отпис на камати на долгови, со што на над 150.000 граѓани не може да им се помогне да го решат проблемот со задоцнето плаќање на долговите кон јавните и државните претпријатија, велат од СДСМ.

„Најверојатно овие пратеници ќе го блокираат и најавеното зголемување на минималната плата на 18.000 денари планирано за јануари 2022 година. Долг период го кочеа и субвенционирањето на платите од 14.500 денари со пакетите антикризни мерки и притоа воопшто не помислија како преживуваат работниците и работничките тие неколку месеци додека блокираа“, додаваат од оваа партија.

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ е во процес на зголемување, истакнуваат од владејачката партија и тоа како што сметаат ќе стави крај на опструкциите во Собранието.

„Зголемено стабилно парламентарно мнозинство предводено од СДСМ ќе ги порази блокадите на опозицијата а владата ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните, ќе обезбедиме повисока минимална плата и недела неработен ден“, се истакнува во писмениот допис од страна на СДСМ.

Претходна вестВо Бугарија втор круг од претседателските избори
Следна вестКазнети 150 возачи во Скопје, осум возеле под дејство на алкохол