ДОМ се приклучува на протестот за запирање на градбата кај Холидеј Ин, жителите бараат да престане притисокот

ДОМ го поддржува и се приклучува на граѓанскиот протест пред Јавното обвинителство со цел стопирање на градежните активности на просторот кај „Холидеј ин“закажан за 16 часот.

Тие апрелираат до Јавното обвинителство да се изјасни по иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата поради сомнеж за корупција и злоупотреба на службената должност во врска со изградбата на висококатници на овој простор.

-Во април оваа година јавно ја повикавме Општина Центар да го суспендира спорниот ДУП за да се сопрат бетонизацијата и уништувањето и на оваа слободна површина во центарот на Скопје. Да не дозволиме профитот на поединци да надвладее над јавниот интерес за здрав и квалитетен живот на граѓаните, велат од ДОМ.

Претходно денеска, во врска со најавениот протест на „Зелен хуман град“, се огласија жителите од Ново Маало, кои повикаа да не се врши притисок на институциите, како што е ОЈО, Општина Центар и Државната комисија за спречување на корупцијата.

-„Зелен хуман град“ и другите лажни борци за екологија немаат апсолутно никакво право да одлучуваат во име на нашите имоти, ниту постои правен основ врз кој би можело да дојде до спречување на проектот. Во повикот за протест наведуваат дека бараат распишување меѓународен конкурс со кој ќе се гарантира зелено и хумано решение, меѓутоа, ние, жителите на Ново Маало, уште еднаш порачуваме дека веќе проектираното решение од страна на инвеститорот гарантира урбано и зелено домување за сите новомаалчани, но и фер обесштетување на сите нас што со години живееме во тотално нехумани услови за живеење, реагираа жителите од Ново Маало.

Претходна вестУтре и задутре свечени богослужби по повод празникот посветен на Св. Климент Охридски
Следна вестЉупчо Николовски не знае дали ќе остане во новата влада