Кој е иноватор, а кој муватор?

Колумна на Никола Тасев:

Три години поминаа откако првпат се уфилмав дека сум иноватор: ми се откачи шајка на ѕидот, немав чекан да ја заковам, па ми се најде при рака празна тегла. Лупнав силно, теглата се скрши ама и клинецот малку се подзакова и проблемот се реши. Веднаш добив желба таа иновација да ја споделам. Возбуден, иако со раскрварен прст, се јавив во Фондот за иновации. Ме прашаа:

– Дали сте член на Партијата? Им реков – НЕ.

– Да не сте брат на наш послушен новинар или сте роднина на наш член? Пак им одговорив – НЕ

– За жал тогаш не сте иноватор!

Не ни сакаа да сослушаат што ми е иновацијата. Додека стоев, разочаран, ми звони телефонот, гледам од Фондот за иновации. Ај си реков: се предомислиле!

– Не ве прашавме, случајно да не сте комшија на министер барем, па да ви дадеме едно 100.000 евра за иновацијата што сте ја измислиле. Е, не сум ни тоа!

Навистина не беа виновни луѓето од Фондот за иновации, навистина сакаа да ми „учинат”, ама за жал не бев квалификуван.

Го заборавив тоа болно разочарување, кога викендов некако пак се напалив на иноваторство. Малиот ми побара пица за вечера. Касно беше да се нарачува, па решив сам да ја направам. Малку саламче, малку кашкавалче… морам да признаам со тестото имав малку мака и не личеше баш на пица, ама беше вкусна, особено ако нема дома ништо друго за јадење. Кога син ми ме праша што е ова, (иако има јадено многу пици) му објаснив дека е пица како што јаделе Римјаните пред векови и оп – ми светна идејата пак да се јавам во Фондот за иновации.

–       Добар ден, јас сум тој со теглата и шајката од пред неколку години… иноваторот. Сега имам нова иновација – стара римска пица !

–       Измислено е веќе тоа, господине, пред еден месец дадовме 40.000 евра за таква пица.

Баш сум баксуз! Не ми оди со иноваторството.

Туку шегата настрана, поентата на текстот ми е да го отворам прашањето како се трошат парите од Фондот за иновации и како државата се грижи за вистинските иноватори, на македонските научници кои творат по целиот свет, подучуваат, а во Македонија се заборавени. Во последните години Универзитетот Стендфорд објавува топ листа на научници од целиот свет. Во самиот врв, меѓу 2% најпризнати се шестмина од Македонија. Ја чукнал ли некој од надлежните досега главата да размисли: зошто тие луѓе се барани, посакувани и признати надвор, а дома немаат услови за творење? Нели е ред да ги повикаат, да ги прашаат што им треба, да се создадат услови, да се отворат Институти за истражување. Нашите научници треба тука да работат во услови како што имаат надвор. Па во Македонија да доаѓаат студенти и професори од цел свет за да учат од македонските научници. Сте слушнале ли некој од од познатите иноватори да биде на чело на некој институт. Е па не сте слушнале, затоа што сите места се пополнуваат по партиски и коалициски клуч.

Друго прашање е пак, како власта во Македонија им помага на младите иноватори, студентите кои имаат идеи, памет и желба да го променат светот со своите изуми. Тие млади надежни научници немаат шанси да просперираат од разни псевдо иноватори – партиски заслужници. Се додека со парите од буџетот за иноваторство ќе гаси партиска жед и незадоволство, младите научници ќе ни ги крадат од странство.

Доста е со давање пари за иноватори кои баш ништо не изумиле. Како дојде времето некој и народни пари за тренирање магариња ќе добие. Мислам дека само уште тоа им нема текнато.

 

 

Претходна вестСловенечкиот Уставен суд ја отфрли задолжителната вакцинација
Следна вестПајакот крева, полицијата коси за затемнети стакла