Имало манипулации, следи ли статистичко намалување на бројките на починати од вирусот?

Следи ли статистично намалување на бројот на починати и какви манипулации биле правени со бројот на починатите од корона вирусот во земјава? Ова дилема денеска се покрена откако новиот портпарол на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ најави дека ќе се разгледува прашањето на бројот на починатите од вирусот во Maкедонија. За ова тема наскоро ќе се разговарало на некоја од наредните седници на Комисијата.

-Ќе бидат преразгледани сите бројки. Да, точно е дека имаше манипулација со бројките, но за ова ќе  се разговара на Комисијата за заразни болести. Факт е дека нашата земја е на шесто или седмо место во светот по број на починати. Ова прашање не смее да остане негибнато, изјави утрината Мехедовиќ во емисијата „Утрински брифинг“.

Што конкретно ова значи и како ќе се спроведува проверката тој не објасни. Завчера и министерот за здравство Беким Сали рече дека кај нас се применува друга методологија од онаа во останати земји.

Бројот на починати од ковид во Северна Македонија се чини висок затоа што според методологијата на бележење, секој кој починал, а бил позитивен на Ковид-19, се регистрира како починат со коронавирус. Но, тоа не значи дека смртта била последица од ковид. Можеби сме земја со висока смртност од пандемијата, но не значи дека ние не сме го згрижиле пациентот. Во регионот имаат друга методологија, па не треба да ве залажува бројката што е кај нас 8.000, а кај нив 2-3.000, рече Сали.

Македонија сега е меѓу првите десет земји во светот според бројот на починати од корона вирусот. Заклучно со вчера, бројот на починати лица изнесува 8.444. Здравствените власти објаснуваат дека најголем дел од нив се починати бидејќи состојбата им се влошила по заразувањето со вирусот поради тоа што имале и други болести. Велеа и дека дел од пациентите доцна се јавувале во болниците. Сепак иако се ветуваше не се направи опширна стручна анализа и не се даде поконкретен одговор зошто има толкав број на починати и дали вина има и во системот.

Претходна вестПреспански договор денеска пред Уставен суд, професорката Каракамишева има што да каже
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: За фирмата блиска до Рашковски да добие тендери за „Дрисла“ условите биле менувани сред оглас