Манипулации со тендери биле правени за фирмата блиска до поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски да добие тендер за „Дрисла“ вреден 850.000 евра, обвини денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ова партија тврди дека условите за учество на тендерот биле менувани сред распишаниот оглас.
-За време на активен оглас за набавка на услуга – машини за работа во Дрисла се бришани условите како што било барањето за минимум 12 вработени. За со така сменети услови фирмата на Александар Пиперевалиев, кој е во роднинска врска со Драги Рашковски да добие тендери за две години во вредност од 850 илјади евра, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија прашува дали фирмата на Пиперевалиев ги добивала тендерите, кои патем се преговарани во четири очи заради неговата роднинска врска со Рашковски?
-Дали немало друга фирма која можело да работи во Дрисла под истите или можеби и подобри услови за претпријатието, па морало да се склучува договор во четири очи со роднината на Рашковски? Дали тие 850.000 евра, не можеле наместо за изнајмување на машини да се искористат за купување на нови машини на претпријатието или за редовно сервисирање на постојната механизација, се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ завчера обвини дека се работи за голем скандал во која фирмата блиска до Рашковски „Алпима Градба“ од Струмица во 2019-та и 2020-та изнајмувала машини во Дрисла во износ од скоро еден милион евра. Овој договор, се тврди, е склучен во четири очи веднаш штом Дрисла стана јавно претпријатие.


