Темен режим Режим на светлина

Уставните судии го отфрлија барањето на Каракамишева за повреда на правата со Преспанскиот договор

Преспанскиот договор е општ, а не индивидуален акт со кој се решаваат државни интереси за добробит на сите граѓани и целата држава и со тоа тој не повредува нечии индивидуални права. Ова е образложението со кое денеска уставните судии го отфрлија барањето на универзитетската професорка Тања Каракамишева. Во својата иницијатива до Уставниот Суд Каракамишева наведе дека со Преспанскиот договор и е повредено правото на забрана од дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совест, мислата и јавното изразување на мислата. Тие се гарантирани со член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот и со меѓународни документи.

Судиите утврдиле дека во случајот нема повреда на правото  на слобода на мисла и изразување или забрана за дискриминација. Судија известител Осман Кадриу на седницата рече дека Судот може да одлучува за повреда на конкретни слободи и права, за кои повреди според нашиот Устав се пружа уставно судска заштита. Но, додаде тој, мошне важно е овие права да се повредени со поединечен акт или дејствие на орган или институција.

-Спогодбата не претставува индивидуален акт. Спогодбата и преземените дејствија во сите фази не станува збор за индивидуални дејствија со кои може да бидат повредни индивидуални права на поедини индивидуи, групи граѓани или правни лица, изјави Кадриу.

Според Кадриу, клучно е тоа што со Преспанскиот договор и дејствијата преземени од двете држави до моментот на склучување на спогодба не претставуваат индивидуален акт, и дека Спогодбата е општ акт со материја од правна и политичка природа со која се решаваат државни интереси за добробит на сите граѓани и целата држава, согласно што не постојат услови Уставниот суд да одлучува по ова барање.

Каракамишева бараше и да се донесе времена мерка со која ќе се забрани извршување на сите мерки, задачи и обврски кои произлегуваат од спогодбата до донесување на конечниот акт. Судијата Осман Кадриу рече и дека времената мерка е беспредметна. Каракамишева пред да го поднесе барањето пред Уставниот суд се обрати до Граѓанскиот суд во Скопје, кој се прогласи за ненадлежен да одлучува.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Европски земји во серија ги укинуваат превентивните мерки, во Македонија ќе се почека

Следна објава

Уапсен битолчанец кој преку писмо се заканувал на јавниот обвинител Јовески