На седница на Економскиот совет на Владата денеска се очекува да биде разгледано сè за што е разговарано досега во однос на синдикалното барање за зголемување на минималната плата, како и најновиот предлог на Бизнис-конфедерацијата да се субвенционира дел од зголемувањето на минималната плата. По ова, треба да се одржи нова седница на Економско-социјалниот совет по онаа во петокот кога не беше постигнат договор.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека покачувањето на минималната плата ќе биде исполнето, тој очекува уште денеска да има решение за покачување на минималната плата.
Владата, синдикатите и работодавачите, во петокот не постигнаа договор за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и скалесто зголемување на останатите плати, но сите социјални партнери се согласни дека постоечкиот модел за усогласување на минимална плата не е прифатлив за никој.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија и вчера и порачаа на Владата одлучно да застане на страната на работниците, да го стави синдикалниот предлог за минималната плата од 18.000 денари и скалесто покачување на останатите плати на гласање на Економско социјалниот совет и да го поддржи.
Доколку и понатаму нема решение за минимална плата, тие најавија дека во четврток, на 10 февруари, нивното членство ќе излезе пред Собранието да даде поддршка на пратениците да го изгласаат предлог законското решение на синдикатите кое е 7. точка на пленарна седница. Доколку и тоа не се изгласа, најавија штрајк со блокади на фабрики, слободни економски зони, институции, патишта и итн..