Околу 80.000 работници во април ќе примат повисока минимална плата која сега ќе изнесува 18.000 денари откако Владата, синдикатите и работодавците договорија зголемување на досегашен нејзин износ од 15.200 денари. Договорот предвидува работодавците да им ја исплќаат толкава плата на вработените. а државата пак, ќе ја покрие разликата во делот на придонесите што се плаќаат за сегашната минимална плата, до онаа која ќе се исплаќа од март. За ова, државата годинава ќе потроши 16 милиони евра. Освен ова, договорена е и нова методологија по која ќе се пресметува износот на минималната плата.
-Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18 000 денари, сума која е воедно и двојно покачување од минималната плата од онаа во 2016 година, стануваме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата. Очекуваме оваа мерка позитивно да влијае на останатите плати во сите индустрии со што ќе се подобри стандардот на сите граѓани, изјави синоќа премиерот Димитар Ковачевски.
Од Сојузот на синдикатите рекоа дека се задоволни со договорот.
– Добивме нова методологија каде вели 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот и го изоставивме од методологијата БДП кој во минатото ни правеше големи негативни ефекти знаејќи дека минатата година беше минус 0,7 проценти и согласно досегашната методологија не успеа да ја зголеми минималната плата. Ќе има и доследна примена на членот 8 од минималната плата каде вели дека сите останати плати согласно законите, коефициентите и колективните договори ќе се зголемат, рече Дарко Димевски, претседател на ССМ.
Од Организацијата на работодавците им порача на синдикатите дека очекува сега да помогнат работниците да бидат попродуктивни.
-Организацијата ја поздравува одлуката за зголемување на минималната плата. Како што вети и синдикатот, работниците дополнително како задоволни од минималната плата ќе придонесат за зголемување на продуктивноста и од таа причина очекувам да останат доследни на својот збор и да придонесат за попродуктивно работење, рече Владанка Трајкоска од Организацијата на работодавци.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа изјави дека тие ќе го поддржат решението при гласањето во македонскиот парламент.
–ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи зголемувањето на минималната плата во парламентот, едногласно, но истовремено ќе интервенира амандмански во законот и ќе бараме доследно почитување на колективните договори и на коефициентите на сложеност на работните места, кога се исплаќаат платите на сите вработени во администрацијата. Да има за сите, а помалку да има корумпираната Влада да краде, напиша Мицкоски на својот профил на Фејсбук.