Нападот врз Адвокатската комора не е само напад врз еден правен субјект, туку е напад врз целокупната адвокатура и правниот систем во Македонија. Поради ова ја изразуваме нашата најдлабока осуда за ваквото насилство и нагласуваме дека ваквиот напад е апсолутно неприфатлив, реагираат од Адвокатската комора, откако околу три часот по полноќ непознато лице влегло во Комората и предизвикало пожар.
-Овој чин на насилство и вандализам е сериозна закана за јавната безбедност и правниот поредок во земјата, и не може да се оправда под никакви околности – се вели во реакцијата.
Комората ги повика надлежните органи да дејствуваат брзо и ефективно за да се идентификуваат и приведат одговорните за овој напад.
-Ваквиот напад не смее да остане неказнет, а одговорните мора да се соочат со последиците од своите дејствија и да бидат најстрого казнети. Комората останува посветена на заштитата на правата на адвокатите, граѓаните, како и на создавање на опкружување во кое сите институции ќе можат да работат без страв и загриженост, а притоа правото и правдата ќе останат неприкосновени, се додава во соопштението.