Аеродром добива нов плоштад зад ТЦ „Капитол“

Наскоро почнуваат градежните активности за целосна реконструкција и модернизација на просторот зад „Капитол Мол“, најави денеска Тимчо Муцунски, градоначалник на општина Аеродром. Просторот треба да добие целосно нов и модерен изглед, со што жителите на Аеродром ќе добијат уште еден нов плоштад.

Реконструкцијата е целосно финансирана со средства од буџетот на Општина Аеродром, а проектот опфаќа хортикултурно и партерно уредување на целиот простор со вкупна површина од 5.000 квадратни метри. Дополнително, во рамки на реконструкцијата старите и дотраени плочки ќе бидат заменети со нови гранитни плочи, а ќе бидат поставени нови современи канделабри, светла со димери, како и нови клупи, канти и друга урбана опрема.

-Инвестираме во модерна и убава општина. Се грижиме жителите на Аеродром да имаат соодветни места каде ќе го поминуваат своето слободно време. Продолжуваме да вложуваме во нови содржини и локации за најмладите, но и за возрасните. Сите тие заслужуваат уредени урбани локации кои урбанистички и хортикултурно ќе се вклопат во одржувањето на епитетот „најубава скопска општина“. Со ова реализираме уште еден важен и значаен проект, кој беше дел од моите ветувања, истакна градоначалникот Муцунски.

Претходна вестДвајца полицајци побарале и зеле поткуп за да не казнат за поминување на црвено
Следна вестВМРО-ДПМНЕ продолжи со објавување „Тајни имоти“: Ана Марија Павиќ не пријавила луксузно „ауди А5“, Цоневски најмалку три стана и фирма…